1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасени преживеани 4 дена по земјотресот!

16 мај 2008

Биланс на ужасот од опустошувачкиот земјотрес во Кина: 5 милиони луѓе без покрив над главата, официјално потврдени 22 илјади жртви, но кризниот штаб смета на преку 50 илјади загинати. Повредени се 169 илјади луѓе.

https://p.dw.com/p/E1Gw
Спасителите на губат надежФотографија: AP

Во овие тажни бројки малку оптимизам внесува фактот дека и 4 дена по потресот со сила од 7,9 степени според Рихтеровата скала од под урнатините спасителите успеваат да извлечат преживеани. Во градот Шифанг е спасен човек кој помина 100 часови под руините на некоја фабрика за вештачко ѓубре.

Во Бејчуан се спасени дури 17 преживеани од под остатоците на објект на регионалните власти. Една медицинска сестра и уште две лица се извелечени од урнатата болница, едно дете од училиштето. Во градот во изминатите денови се спасени околу 300 деца, но под урнатините на училиштето се претпоставува дека останаа околу 700.

Со оглед дека се урнаа многу училишта и оти веројатно има илјадници ученици меѓу загинатите, гласни се протестите против властите. Претставници на министерствата за образование и за градежништво, дури, во интернет одговараа на прашањата на збеснатите граѓани и најавија остри казни против оние, на кои ќе може да им се докаже вина за грешки при градењето.

Паника од нови потрес

Денешниот потрес со сила од 5,9 степени според Рихтер предизвика нови лизгања на земјиштето. Затрупани се повеќе автомобили, повторно се прекинати штотуку поправените телекомуникациони постројки, но нема информации за нови жртви. Во секој случај, потресот предизвика паника. Епицентарот бил на само 10 километри под земја, токму како и на разорниот удар од понеделникот.

Во погодената провинција Сечуан денеска допатува и претседателот на Кина Ху Џинтао. Кинеската влада, според сопствени наводи, за спасувачките работи стави на располагање околу 500 милиони евра. Економските штети од катастрофата се проценуваат на околу 13 милијарди евра.

Покрај помошта од странство, и во самата Кина се организира собирање помош за настраданите. Според официјални податоци, до денеска Кинезите донирале околу 130 милиони евра за своите погодени сограѓани.


►◄