1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Списание за соочување на различните култури

5 мај 2011

Деновиве се навршија 60 години од излегувањето од печат на првото списание „Културна размена“. Низ историјата на ова списание може да се види колку Германија се менувала себеси, но и односот кон културите на други земји

https://p.dw.com/p/1182N
Фотографија: Institut für Auslandsbeziehungen

Ако некој Ви каже дека сте бизон, тоа не би требало да Ве лути. Тоа не значи дека сте огромни или дека ширите околу себе непријатна миризба, туку е комплимент во Белорусија и значи дека сте силни како бик.

Вакви и слични сознанија можат да се најдат во списанието „Културна размена“, кое секои три месеци излегува во Берлин. Џени Фридрих Фрекса е уредник на списанието во последните шест години и го одбра преведувањето како главна тема на јубилејното издание:

„Преведувањето значи создавање на блискост меѓу два јазици, а не само пронаоѓање на точни зборови. Тоа не значи само знаење на некој јазик, неговиот речник и граматика, туку тука мора да постои и длабоко разбирање за размислувањето и чувствата на тој јазик. Треба да му се влезе во душата, тоа е суштината.“

Во јубилејното издание се најде и говорот посветен на преведувањето од португалскиот нобеловец Жозе Сарамаго, кој почина минатата година. Тој вели дека на своите преведувачи морал да им ги објаснува зборовите кои ги сметал за совршено јасни и дека за време на преведувањето честопати се создаваат јазови на неразбирање.

Jenny Friedrich-Freksa Zeitschrift Kulturaustausch
Џени Фридрих Фрекса уредник на „Културна размена“Фотографија: Ali Ghandtschi

Да се излезе од сенката на нацизмот

Меѓутоа во „ Културна размена“ до збор не доаѓаат само писатели и експерти туку и обични луѓе од целиот свет. Џени Фридрих Фрекса вели:

„Тука е и селанецот од Зимбабве, кој говори за своето секојдневие, или пак туристичкиот водич во Непал. Тоа е идејата. Сакаме да ги приближиме културите и како автори да собереме многу различни луѓе“.

Тоа не било отсекогаш така во списанието. Кога сето започна Сојузна Република Германија се’ уште беше млада држава. Институтот за надворешни работи кој го издава и финансира списанието, беше повторно основан по Втората Светска Војна. За време на нацизмот, под друго име, тој имаше многу неславна улога. Целта, меѓутоа, по војната беше односите со странство да се изградат на нови темели. Од 1951 година започна да се издава списанието на Институтот „Пораки“.

„Ако ги погледнете старите изданија, можете да видите колку таа идеја се’ уште е присутна - особено на помалку развиениот свет да му се пренесе колку германската култура е голема или како културата функционира во цивилизираниот свет“, вели Џени Фридрих Фрекс.

Беа направени големи напори да се излезе од сенката на нацистичките злосторства и да се развие нова културна политика. „Бесрамно се фалевме како владејачка раса“, се наведува во текстот од 1966 година. Заклучокот гласеше: „Културната политика не се состои во тоа на полето на културата да се врши пропаганда“.

Читатели во 146 земји

Седумдесеттите години од минатиот век беа во знакот на теоретски расправи од областа на социологијата: фуснотите се’ подолги, текстовите се’ понеразбирливи. Сето беше упатено исклучиво на стручна публика. Анализите на општеството беа покомплицирани од самото општество.

Cover Magazin Zeitschrift Kulturaustausch
Фотографија: Institut für Auslandsbeziehungen

На Германија полека и‘ поаѓа од рака да ги нормализира меѓународните односи. Меѓутоа ќе помине уште некое време додека зборот глобализација да стане општо прифатен. Џени Фридрих Фрекс вели:

„Се разбира отсекогаш имало луѓе кои биле космополитски настроени и заинтересирани за меѓународните случувања. Но, луѓето толку да патуваат, секој да знае некого кој работи во странство, децата да студираат во некоја друга земја - тоа се релативно нови појави на кои влијаеја разни историски настаниу, меѓу другото и падот на Берлинскиот ѕид. Поради тоа, списанието кое е меѓународно ориентирано, денес функционира толку добро.“

Најдоцна во 90-тите години редакцијата започна да се занимава со големите теми: „Судирот на културите“, „Културата и насилството“, „Миграцијата“ и тоа на начин кој не е исклучиво разбирлив само за стручњаците. Тема на едно од неодамнешните изданија беше: како живеат 17-годишниците ширум светот, а се тестираа и врските на далечина или се пишуваше за тоа како луѓето во светот го минуваат слободното време.

Сето тоа се печати во тираж од околу 10 илјади примероци, а читатели има во 146 земји. Најголем дел од тиражот заминува се разбира во германските амбасади или во Гете-институтите ширум светот.

Автор: Аја Бах / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска