1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменици за обединување

26 септември 2011

Скопската општина Центар ја започна постапката за изградба на споменици на тројца дејци, означени како истакнати фигури од албанската култура и историја, со што проектот „Скопје 2014“ ќе добие мултиетнички карактер.

https://p.dw.com/p/12gMM
Макета на проектот „Скопје 2014“Фотографија: Petr Stojanovski

Портпаролот на општина Центар Јовица Ацковски појаснува: „Споеминиците на овие три личности ќе се леат во бронза. Ќе имаат висина од 5 метри, а ќе бидат поставени на постамент со височина од три метри. Во овој момент имаме започнато постапка за јавна набавка за избор на леарница, која ќе ги лее спомениците.“

Споменикот на Пјетер Богдани ќе биде поставен во паркот „Жена – борец“, а на Јосиф Багери во непосредна близина на стариот театар. Споменикот на Неџат Аголи ќе се извишува во зоната каде што се спојуваат кејот на Вардар со плоштадот „Македонија“, односно до статуата на Гоце Делчев на коњ.

„Просветители и залагачи за националната кауза“

Кои се Неџат Аголи, Пјетер Богдани и Јосиф Багери? Какви се нивните животни творештва и за што се залагале тие? Какви пораки зрачат од нивните дела? Заради посеопофатни и пообјективни одговори на овие прашања, консултиравме релевантни истражувачи и експерти. Пренесуваме и ставови презентирани во научната литература и медиумите на албански јазик.

Statue Alexander der Große
Александар Велики го доби централното место на плоштадотФотографија: Petr Stojanovski

Далибор Јовановски, професор по историја на балканските народи во Институтот за национална историја на државниот универзитет во Скопје, во врска со личноста и дејствувањето на Аголи истакнува: „Тој е припадник на комунистичкото движење. Дејствувал во Албанија, Косово и во Македонија. Некаде од октомври 1943 година бил кооптиран како член на АСНОМ. Тој бил прв министер - Албанец во првата Влада на Македонија и си има свое соодветно место во историјата. Некои ќе го прифатат позитивно, а некои ќе имаат поинакво мислење.“

„Симбол на сенационалниот отпор“

Означувајќи го Аголи како „симбол на сенационалниот отпор“ во својата научна статија со ист таков наслов, претседалот на Друштвото на историчари - Албанци во Македонија Неби Дервиши напоменува: „Тој им го посвети сиот свој живот и дејност на албанската национална кауза, на борбата за национално ослободување и обединување, за ширење на образованието и отстранување на неписменоста, за осигурување на правото за самоопределување на албанскиот народ и за националната култура, правда и напредок.“ Дервиши напоменува: „По сите тортури агентите и иследниците на УДБА од Белград го убиле Аголи во затворот во Скопје во април 1949 година, откако одбил да ги предаде светата национална кауза и своите илегални соборци. Тие биле Џеладин Хана од Ѓаковица, Рифат Бериша од Дреница и мнозина други од Качаник, од Косово, како и од Гостивар, Дебар, Струга и други градови од Македонија.“

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Музафер Бислими, уште еден историчар – Албанец од Македонија има кажано: „Според многу документи, Неџат Аголи може да се смета како залагач за правата на Албанците во рамки на поранешната СФР Југославија.“

„Стихови за соживотот на балканските народи“

Вториот деец, Јосиф, за кого постои и уште едно име - Јован Багери, се означува како преродбеник и просветител на албанското население во неговото родно село Нистрово, во реканскиот крај, во Гостиварско, но и пошироко на тој простор. Тој дејствувал кон крајот на 19-тиот и во почетокот на 20-тиот век. „Како Албанец со православна вероисповед Багери има пишувано поезија и проза“ – укажува Фатмир Сулејмани, професор на катедрата за албанологија на државниот универзитет во Тетово и дополнува: „Багери пишувал во времето на турското ропство. Неговото дело содржи многу хумана порака. И преку своите стихови се борел за слобода на луѓето, кои биле потчинети под тоа ропство. Неговото семејство било семејство на патриоти, кои придонеле многу и за албанската национална кауза и за соживотот на овие простори.“

Mateja Matevski
Споредба со бардот на македонската литература, Матеја МатевскиФотографија: MIA

Д-р Јовановски се надоврзува: „За нас, Македонците, е интересно тоа што во еден говор тој се залага за нераскинливо братство меѓу Албанците и Македонците.“

„Преродбеник на две преродби“

Во една научна статија Бегзад Балиу го нарекува Багери „преродбеник на две преродби, кој придонесувал и кон македонската и албанската преродба, кон будењето на Албанците во етнографската област во реканскиот крај, во Гостиварско“.

Интересен е фактот што и денешното Здружение „Јосиф Багери“, со седиште во Тетово, во изминативе месеци од оваа година развива активности, со кои преку медиумите им порачува „на оние во Македонија кои се од албанско потекло, но со православна вероисповед, да не се плашат повеќе и да го покажат слободно своето потекло, својата етничка припадност.“ Во еден ваков контекст и за бардовите на македонската книжевност и хорска уметност Матеја Матевски и Тодор Скаловски се тврди дека се Албанци.

Повик на соживот

За Пјетер Богдани, третиот албански деец од 17-тиот век, професорот Сулејмани посочува:

Prof. Fatmir Sulejmani Mazedonien
Професор Фатмир Сулејмани од Филолошкиот факултет во ТетовоФотографија: DW/Sveto Toevski

„Тој е блескаво име во албанската култура и литература. Ја напишал првата прозна книга на албански јазик и ја најавува албанската национална преродба на чело со Наим и Сами Фрашери и други познати дејци, кои придонеле многу кон соживотот. Во стиховите и пишувањата на овие преродбеници нема ниту една навреда кон другите народи на Балканот, туку сите тие го повикувале населението на соживот, мир, разбирање, братство.“

На прашањето дали спомениците на овие три личности во вкупната целина на спомен-обележјата во „Скопје 2014“ ќе зрачат и со порака за заемно проткајување на културите и идентитетите на македонскиот и албанскиот народ, професорот по историја на балканските народи Далибор Јовановски, одговара:

„Не сум запознат со тоа кој споменик каде ќе треба да биде поставен. Но, со самото тоа што овие личности се одбрани, најверојатно, се цели повеќе кон позитивното, отколку кон негативното. Затоа сметам дека ќе биде застапена повеќе позитивната порака, она што ќе обединува, отколку она што би раздвојувало.“

Општина Центар нема определено рок кога ќе бидат поставени спомениците на Аголи, Багери и Богдани. Оттаму само изнесуваат дека „планираната динамика на работите се одвива успешно.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски