1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменици на новите поделби

Свето Тоевски1 август 2013

Во Македонија веќе е започната трка во изградба на споменици меѓу Македонците и Албанците, како дел на националистичкиот дух, кој почнува да оживува, вели социологот Илија Ацевски

https://p.dw.com/p/19I1C
Фотографија: DW

Споменик во облик на пресечен мермерен блок како „симбол на пресечениот живот“ на Крсто Гоговски, Стојан Михајловски, Васко Михајловски и Цветко Михајловски, грабнатите и убиени селани од Непроштено во 2001 – та, набргу ќе биде поставен во спомен – парк во ова тетовско село. Индиректно, овој паметник ќе асоцира и на сите 12 Македонци од Тетовско, киднапирани и убиени во конфликтот во 2001 година. Ова село поделено: на северната страна се наоѓаат куќите на околу 900 Албанци, а на јужниот крај се куќите на околу 450 Македонци.

„Со овој паметник порачуваме дека никогаш нема да ги заборавиме нашите најмили, оти вистината за нив некогаш ќе мора да излезе на виделина и тој што е виновен да одговара. Владата и сите политички партии ќе мора тоа да го разоткријат: за да не го заборават, да не испадне, ете, се случи амнестија и заврши работата.“ – раскажува Љупчо Михајловски, син на Цветко Михајловски. Членови на семејствата на другите киднапирани Македонци од Непроштено, сакајќи да останат анонимни, велат: „Поентата е никогаш да не се заборави што се случи со месното македонско население, дека продолжуваме да живееме во селото и оти никогаш нема да го напуштиме“.

„Целта не е провокација, туку да се има паметник за идните генерации“

Во албанскиот дел на Непроштено уште во 2002 година постои комплекс со спомен обележје и за двајца Албанци, Бедри Халими и Раметула Ахмети, загинати во судирот меѓу ОНА и полициските сили. Спомен – паркот посветен на цивилните жртви – Македонци веќе предизвикува реакции кај дел од Албанците. Исен Асани, градоначалник на Теарце, изјави за медиумите на албански јазик: „За паркот со спомен – обележјето и фонтаната неговиот Организационен одбор не добил дозвола за градба од општина Теарце.“ За Бесим Хода, претседател на „Организацијата на ветераните на ОНА“ од Тетово, градбата на тој споменик е „тешка провокација“:

Mazedonien
Последиците од конфликтот се уште се чувствуваат во МакедонијаФотографија: AP

Дојче веле го праша Назми Азизи, претседател на Месната заедница во Непроштено: што мислат тој и неговите сонародници за спомен – обележјето што го градат Македонците во селото? Азизи одговара: „Тие градат и никому не му пречи тоа, немаме ништо против. Тука нема провокација. Соживот во селото има, меѓу постарите, а за помладите знаете: млади како млади ... Сепак, нема да има проблеми. Кога ние го градевме својот споменик Македонците воопшто не правеа проблеми и зошто ние да се буниме и да правиме проблеми?“

Во Лешок, соседното село населено само со Македонци, минатата година беше изградено спомен – обележје на Ѓоко Лазаревски, негов жител, кој загинал во 2001 година. Ова спомен – обележје досега не предизвикало никаква реакција кај Албанците од околните села.

„Трка за градба на споменици за конфликтот од 2001 година“

Во средините во западниот дел на Македонија каде што живее и албанска популација во последниве неколку години се зголемува бројката на бисти, обелисци и други спомен – обележја посветени не само на припадници на расформираната ОНА, туку и на личности од албанската култура, историја, а сега веќе и на Албанци загинати во текот на Втората светска војна и други историски периоди. Во кичевското село Зајас ќе се гради меморијален комплекс посветен на „500 Албанци загинати во 1913 година од теророт на српската власт.“ Во тетовското село Селце се наоѓа меморијален комплекс на ОНА со гробови и спомен плочи во рамки на цела новоизградена тврдина. Во медиумите и истапувањата на политичари и интелектуалци – Албанци можат да се најдат тврдења дека оваа „споменична експанзија“ е предизвикана, наводно, и од „скулптуроманијата на Никола Груевски.“

UCK
Фотографија: AP

Професорот по социологија од државниот универзитет во Скопје Илија Ацевски коментира: „Македонското општество е длабоко поделено, но со градбата на споменици посветени на конфронтациите од 2001 година се ставаат уште ’поцврсти темели' на таа поделеност. Кога ќе поставите такво спомен обележје, ’историски го ’заковувате’ тој конфликт. Во Македонија веќе е започната трка во изградба на споменици меѓу Македонците и Албанците, како дел на националистичкиот дух, кој почнува да оживува, како колорит на националистичката идеологија во земјата. Таа трка допрва ќе се развива.“

Сунај Раими, професор по социологија на државниот универзитет во Тетово, заклучува: „Главниот генератор на двојственоста во градбата на овие паралелни, национални споменици е тоа што се уште не е разјаснето зошто се случи конфликтот во 2001 година. Македонската страна смета дека тоа беше еден вид агресија, наметната војна. Се настојува сите загинати од страна на македонските воено – полициски сили да се претстават како бранители, како луѓе што го штитеа се она што ја претставува Македонија. Борците на ОНА, кои го дадоа својот живот за идеалите на своите сонародници, се сметаат како ’напаѓачи’. Кај Албанците се создава претстава дека Македонците не можат да сфатат оти причина за војната беше задушувањето на нивните елементарни права. Со оглед дека државата се прави глува и слепа и не ги гледа истите чувства кај Албанците, тие се принудени сами да се организираат со цел исто така да ги респектираат и да ги слават луѓето, кои загинале заради остварување на политичката рамноправност и правата на својот етникум.“