1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменици од заедничката или од етничката историја?

10 февруари 2010

Заеднички проекти за споменици и заедничка историја или сепарирања според етничка основа со негативни реперкусии и врз меѓуетничките односи – оваа дилема се отвора по планираниот проект „Скопје 2014“.

https://p.dw.com/p/LxkV
Какви споменици ќе се градат во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Реализирањето на комплексот на споменици од македонската историја во рамките на проектот „Скопје 2014“ веќе предизвикува реакции меѓу албанскиот етникум во земјата и поделби во дел од експертската јавност.

Историчарот Ѓорѓи Малковски смета: „За првпат во нашата историја правиме спомен – обележја на наши личности од историјата како што тоа не било никогаш досега. Македонскиот народ ќе се гордее со тоа што ќе ги види спомен – обележјата на Јане Сандански, Гоце Делчев, Александар Македонски и други. Не можеме ние сега да мислиме дали ќе го навредиме некого, ако го правиме ова.“

„Да се бараат заедничките точки во минатото“

Фехари Рамадани, професор на катедрата за историја на Државниот универзитет во Тетово, е на следното стојалиште:

„Јас не сум против градење споменици во Скопје, но притоа треба да се почитува мултиетничноста на Македонија, треба да се бараат заедничките точки во минатото. Македонија е мултиетничка држава и треба да се уважуваат културните вредности и на другите народи, а не само на македонскиот народ.“

Пензионираниот универзитетски професор по историја од Скопје Михајло Миновски не мисли дека градењето споменици од македонската историја во главниот град ќе поттикне градење такви споменици само од албанската историја во другите региони во Македонија:

„Дали ќе поттикне, или не? Нема причина ниту основа спомениците од македонската историја да предизвикаат последици. Прво, се разбира, македонскиот народ е државотворниот народ. Тој е единствениот државотворен народ, кој нема свои спомен – обележја дури ниту во главниот град. Кога ќе дојде странец, не може да препознае дека овој народ ја создал оваа држава.“

Mazedonien Skopje Flash-Galerie
Фотографија: AP

Професорот Рамадани има поинакво мислење:

„Ако не се земат предвид барањата на Албанците да се подигнат и албански споменици во Скопје, тогаш мислам дека самите Албанци со сопствени иницијативи ќе градат споменици со фигури од својата историја – не само во Западна Македонија, туку и во самото Скопје.“

Иницијатива за споменик на Хаса

Случајно, или не, овие неколку дена општинската организација на Нова Демократија, партијата на Имер Селмани, во Гостивар ја реактуелизираше поранешната идеја за градење споменик на Џемо Хаса, фигура од албанскиот етникум од Втората светска војна од овој крај. Љавдрим Велиу, претседателот на споменатата партиска организација, вели:

„Во Гостивар има многу бисти: во центарот на градот, во паркот на плоштадот, во училиштата. Не гледам причина за предизвикување нечија негативна реакција само поради тоа што ќе се постави биста на еден албански херој, кој се борел против комунизмот.“

Tetovo, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Радослав Ѓиноски, претседателот на Сојузот на борците на Гостивар, по седницата на претседателството на оваа организација, изјави за ДВ:

„Се предвидува дислокација на споменикот на народниот херој Чеде Филиповски – Даме и подигање споменик на Џемо Хасо во градскиот парк, во централното подрачје на Гостивар. Најенергично ја отфрламе оваа иницијатива, бидејќи сметаме дека со тоа ќе се иритира пошироката јавност и ќе се нарушат меѓуетничките односи во општината и пошироко.“

Професорот Ѓорѓи Малковски коментира:

„Тие што сакаат да прават некакви споменични обележја, како на Џемо Хасо и други, треба да знаат дека таквите обележја не водат воопшто кон соживотот и оти тие не се воопшто од интерес за македонската држава.“

Ѓиновски дополнува критички:

„Во Скопје мора да има споменик на некоја личност и од најновата историја и од победоносната Народнослободителна борба и антифашистичка револуција, не само на Методија Андонов – Ченто. Мора да има споменик, на пример, на командантот на Народноослободителната војска на Македонија, генералот Михајло Апостолски.“

Граѓанското движење „Разбуди се“ од Скопје и‘ упати на министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска конкретни предлози за градење споменици во Скопје: на Адем Јашари и други загинати команданти и припадници на Ослободителната војска од Косово и Македонија, на починатиот претседател на Косово Ибрахим Ругова, како и на низа личности од албанската преродба и култура.

Автор: Свето Тоевски

Редактор. Жана Ацеска