1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спомен-куќата на Тоше Проески отворена во Крушево

25 април 2011

На Гумење во Крушево од денеска (25.04.11) е отворена спомен-куќата на Тоше, во која над 350 автентични експонати раскажуваат за детството, тинејџерските години и врвот на кариерата на македонска музичка ѕвезда.

https://p.dw.com/p/113fR
Тоше Проески загина во сообраќајна несреќаФотографија: Macedonian Information Agency

Со стиховите на песната „Крушево“ изрецитирани од светски познатиот актер Раде Шербеџија и музиката отсвирена од македонскиот музичар Влатко Стефановски, денеска на Гумење во Крушево беше отворена спомен-куќата на македонската музичка легенда Тоше Проески. Спомен-куќата, која е во форма на крст, обезбедува еден хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера. Taa е збогатена со 350 автентични експонати кои се сопственост на семејството Проески. „Од овој ден Крушево, родниот град на Тоше, градот на неговиот духовен мир и творечки неспокој ќе биде мала ѕвезда на земјата која ќе ги собира енергиите кој ќе пулсираат во духот на сеќавањето на Тоше“, рече Андреј Николовски, извршен директор на Меѓународната фондација „Тоше Проески“.

Пред повеќе стотина граѓани, членовите на семејството Проески и дел од државно-политичкиот врв, беше порачано дека изградбата на спомен-куќата на најдобар начин ќе го зачува споменот за ликот и делото на Проески. „Човековата смрт не е точка, туку само запирка во животот на еден човек. Човековата приказна продолжува понатаму сe’ до моментот кога ќе има некој кој ќе ја раскажува, а ретки се оние чија приказна останува вечно да се прераскажува. Таква е приказната на Тоше Проески“, рече премиерот Никола Груевски.

Beerdigung - der bekannteste mazedonische Pop Sänger Tose Proeski in Krusevo
Од погребот на трагично загинатата музичка ѕвезда Тоше ПроескиФотографија: Macedonian Information Agency - MIA

Во централниот дел од објектот се наоѓа молитвеник со сите верски предмети што ги поседуваше Тоше, како и неколку негови запишани размислувања или животни филозофии кои го водеа низ животот, а се поврзани со вербата, љубовта, семејството, пријателството. Во неа се наоѓа и неговото студио во кое музицираше и компонираше и дневната соба на Тоше од неговиот дом во Злокуќани.

Објектот содржи и кафетерија за посетителите, која е поврзана со горното ниво преку тераса и повеќе висински платформи од кои се протега панорама на градот Крушево и Македониумот, како и продавница за сувенири во која ќе се продаваат реплики од предметите на Тоше. Објектот се простира на површина од околу 870 метри квадратни и е дело на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.

Во рамки на денешното отворање, спомен куќата беше осветена со верска процесија предводена од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан. Спомен-куќата ќе е достапна за пошироката јавност од утре (26.04.11).

Автор: АТ/ миа/ макфакс