1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот за името би можел да биде решен за шест месеци

18 февруари 2010

Делегацијата на Европскиот парламент во рамките на посетата на Скопје со македонскиот државен врв ги разгледува односите ЕУ - Република Македонија и разговара за спорот со Грција околу уставното име.

https://p.dw.com/p/M4iu

Задоволни сме од новите идеи на премиерот Никола Груевски за решавање на грчко-македонскиот спор и веруваме дека тој би можел да биде решен во наредните шест месеци, одговорија на прашањето на Дојче веле во Скопје европратениците Јорго Шацимаркакис и Алојз Петерле. Европратениците по денешните разговори со шефот на македонската влада изјавија дека притисокот врз Македонија и Грција ќе биде синхронизиран, не исклучувајќи и употреба на економски и политички средства. Грешка е што ЕУ досега не се вклучи, но сега има шанса да посредува и да ги поттикнува македонско-грчките разговори, рекоа европратениците.

Известувачот на ЕП за Македонија Зоран Талер уште додаде дека Македонија и Грција се веројатно свесни дека е ова решавачки миг и дека проблемот веќе не билатерален, туку е сериозно регионален. Нема да дозволиме балканизација на Европа, туку ќе продолжиме со европеизација на Балканот, рекоа тројцата на денешната прес-конференција по средбата со Груевски во Скопје. Македонскиот премиер ќе има одвоени средби со Шацимаркакис и Петерле, а европарламентарците попладнево ќе разговараат и со лидерите на СДСМ и ДУИ, барајќи општопартиски и меѓуетнички консензус.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска