1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот меѓу Украина и Русија се заострува

Естер Хартбрих5 јануари 2009

Руската компанија „Газпром“ реши да ја зголеми цената на природниот гас за Украина, со што се заострија преговорите за негова испорака. Во Брисел се одржува итна средба околу спорот.

https://p.dw.com/p/GS3v
Русија бара повисока цена за природниот гасФотографија: AP

Претседателот на компанијата „Газпром“, Алексеј Милер, изјави дека сега од Украина бараат 450 долари за 1.000 кубни метри. Претходната цена, којашто ја бараше компанијата беше 250 долари. Пред да пропаднат преговорите, на крајот на декември, Украина беше подготвена да плати 210 долари.

Закани од двете страни

Од „Газпром“ најавија дека под новите услови се подготвени да се вратат на преговори и се надеваат дека Украинците ќе седнат на преговарачка маса. Од украинскиот „Нафтогаз“ возвратија дека транзитните маржи за гасот, којшто преку оваа земја се пренесува во Европа ќе бидат зголемени за истата сума за којашто Русија ќе ја зголеми цената на гасот. „Газпром“ пак се закани дека ќе ја намали испораката на гас, што може да значи и намалување на испораката за ЕУ.

Украина исто така побара помош од ЕУ во решавањето на спорот. Ако ЕУ сега не ни помогне, за некое време ќе го почуствува притисокот од Русија, гласи пораката од Киев. Гаспром пак испрати писмо до Европската комисија во кое побара да обезбеди независни набљудувачи коишто ќе го надгледуваат транзитот на гас низ Украина.

Пад на испораката на гас во неколку европски земји

Главниот крак на рускиот гасовод преку кој се пренесува гас и во ЕУ оди преку територијата на Украина. Од тука поминува 80 % од рускиот гас наменет за Европа. Неколку европски земји, меѓу кои Бугарија, Полска, Унгарија, Романија и Чешка се жалеа дека деновиве дошло до пад во испораката на гас, но Киев уверува дека има доволно резерви за да го обезбеди снабдувањето за неколку седмици. Проблемот е што преку истиот гасовод и Украина го добива гасот од Русија.

Чешка којашто на први јануари го презеде претседателството со ЕУ најави дека нема намера да посредува во „комерцијалниот спор“ меѓу Москва и Киев, но денеска во Брисел европски претставници ќе имаат итен состанок околу овој спор, а не е исклучено во наредните денови да испратат свој тим што треба да ја испита ситуацијата во двете земји.

Русија и Украина значително ги влошија политичките односи во последниве неколку месеци. Причина е спорот околу неисплатениот украински долг за гасот, којшто според Москва изнесува 614 милиони долари. Но, односите се нарушени и поради намерата на украинските власти да се приклучи во НАТО.