1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот околу името е феудален

Тони Гламчевски30 април 2008

Европарламентарката Елс де Грун го потпиша соопштението на парламентарната група на Зелените и на Слободната Европска алијанса во кое објаснуваат зошто гласаа против извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ

https://p.dw.com/p/Dr8n
Елс де Грун – КоувенховенФотографија: DW / Toni Glamcevski

Елс де Грун – Коувенховен е позната холандска писателка за деца и млади преведена на 12 јазици, меѓу кои и книгата „Во потрага на корените“, која е преведна и на македонски јазик.

Таа е политички ангажирана во заштитата на природната средина и е дел од групата на Зелените на Европскиот парламент. Автор на познатиот „Прирачник за диктатори“, Грун во Европскиот парламент важи за една од најдобрите познавачи на приликите на Балканот и голем поборник за заштита на правата на Ромите. Имено таа често ги посетува земјите од регионот, при што црпи инспирација за своите книги од кои последната е инспирирана од војната во Босна. Во тоа својство Елс де Грун го потпиша соопштението на парламентарната група на Зелените и на Слободната Европска алијанса во кое објаснуваат зошто гласаа против извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

Поради кои причини Вашата парламентарна група избра да гласа против извештајот на Ерик Мејер?

Де Грун: „Има неколку точки кои се во полза на Македонија, но мора да се признае дека имавме многу тешкотии кога станува збор за името, поточно караницата за името и мешањето на Грција во прашањето за името. Таа оди далеку. Покрај иритацијата, денес отиде уште подалеку со закани - амбасадарот на Грција најавува дека во иднина ќе го направи истото и за пристапот на земјата во Европската Унија, како што го направи тоа во Букурешт. Не знам како тоа најдобро да го кажам, но станува збор за наметнување на ставот и надмоќност на една единствена држава во Унијата врз другите земји членки. Притоа треба да се земе предвид дека има над сто земји во светот кои го имаат признато уставното име Македонија.“

Што ја наведе Вашата политичка група и европска партија да каже јасно што мисли за прашањето за името, додека другите политички партии во Европскиот парламент се многу повоздржани кога станува збор за уставното име на Македонија. Зошто Зелените се похрабри од другите?

Де Грун: „Ние тоа го направивме во знак на протест. При гласањето имаше повеќе гласачи кои гласаа против извештајот отколку што брои нашата група. Тоа треба да се земе како сигнал. За другите можеме да кажеме дека станаа жртви на многу силното лоби на Грција. Навистина не разбирам како е можно Грција да има толку големо влијание како држава членка на Унијата. Јас тоа лично не го разбирам, ние имавме повеќе тешкотии во минатото со Грција, но исто така и неодамна, како околу бегалците, со конфискување на автобуси и автомобили од страна на државата... На повеќе наврати сме имале тешкотии со Грција. Затоа не разбирам поради кои причини е тоа така. Сепак, Грција има доста големо влијание.

Се разбира, Македонија не покажа многу интелигенција, на пример во изборот на името за аеродромот. Тоа беше провокација, која повеќе или помалку ја ослабе позицијата на земјата. Од друга страна, веќе петнасет години се дискутира за проблемот. Ако проблемот го сведеме на еден конкретен случа,ј на еден татко и мајка кои имаат новороденче, тоа новороденче нема никогаш да биде запишано во книгата на родените. Прашањето за името станува многу смешно, исто како и аргументот, аргумент кој патем не е точен, според кој Македонија има претензии кон северниот дел на Грција. Како земја членка на ООН, треба да знае дека границите се непроменливи. Значи, Грција е спасена или беше спасена! Овие аргументи не треба да се земат како многу сериозни. Актуелната ситуација станува се‘ посериозна. Тоа што мене лично ме погодува е што овие игри за името, кои воопшто не се смешни, некои политичари ги користат за да се претстават како вистински националисти, вистински патриоти. Тоа важи за двете страни. Сепак, оваа игра за името започна во Грција и сега и во Македонија велат „Не“.

Но, тоа што е значајно е што тоа може да му помогне на целиот регион, бидејќи тоа е прашање кое не се однесува само на Грција и Македонија, туку на Косово и Србија, во регион кој се сочи со војна и кој денес има потреба од економски напредок. Луѓето треба повторно да најдат работа, значи има многу други тешкотии и проблеми за разрешување, така што навистина немаме време да си ја кршиме главата со името. Тука е и волјата на Скопје за промена на името, ги видов сите предлози за името, како „Горна Македонија“, „Република Македонија-Скопје“, но тоа не може да се прифати. Станува збор за „феудално“ прашање, ова не е класично прашање за мене туку феудално.“

Што мислите за актуелната ситуација во Македонија со предвремените избори?

Де Грун: „Слушнав дека имаше проблеми во Македонија. Комбинацијата на проблемот со името и предвремените избори создаваат многу тешка ситуација. Има проблеми, но тие не треба да бидат зголемени уште повеќе, посебно во моменти кога треба да се покаже единство и да се остане заедно со солидарност на едните кон другите. Само така може да се биде посилен. Пред да се добие новата влада ќе изгубиме многу време, ќе има доцнење, барање на нови министри... Жалам поради ова. “

Според Вас, дали има шанси еден ден проблемот со името да биде решен?

Де Грун: „Тоа што ми изгледа чудно кога зборуваме за името, откако ги ислушав мислењата на сите, ми изгледа дека името Македонија со додавката „Нова“ има големи шанси да биде прифатена. Кога тоа би било случај, тоа ќе создаде многу работа со пасошите, Уставот и се‘ што повлекува таа промена. Сепак, имам чувство дека колку повеќе се согласуваме со Грција, толку таа ќе бара повеќе, што на еден начин никогаш нема да стигнеме до решението и никогаш не ќе можеме да го решиме проблемот. “

Мислите ли тука на другите точки од предлозите на преговарачот на ООН, како употребата на придавката „македонски“ за јазикот, културата, што на еден начин значи ставање под знак прашање на идентитетот на народот?

Де Грун: „Ако се стравува од губењето на идентитетот тоа значи дека тој идентитет не е толку силен. Но, морам да ви признаам дека прво помислив на „македонскиот“ идентитет во Грција. Знаете, има повеќе примери со слични ситуации. На пример, во Германија постои Фрисланд, а и во Холандија постои една провинција кое го носи името Фрисланд; Луксембург во Белгија и државата Луксембург. Значи, ова не е нова ситуација. Според мене, ако еден народ живее некаде и го избере името на регионот во кој живее, тоа е прифатливо нешто. Не треба да се заборави дека за време на втората Балканска војна, поделбата на Македонија од страна на Бугарија, Србија и Грција кои сакаа поголеми делови од неа, беше причината за оваа војна. Имаше гладни на сите страни, тоа доведе до сегашниве граници кои направија Македонија да биде од сите страни на границата.

Границите отсекогаш биле нешто вештачко, што се менува одвреме - навреме. Можеме дури и да се запрашаме: Кој е поголемиот проблем, името или границата?

Де Грун: „Ако го ставиме ова во контекстот на Европската Унија, мислам дека во иднина границите ќе имаат се‘ помала и помала важност и ќе има соработка меѓу Македонија од Грција со земјата Македонија. Затоа на овој проблем јас гледам како на губење енергија. “