1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот околу името на агендата на средбата на Вељаноски и Бан

АТ/ миа/ макфакс5 февруари 2013

Спорот за името меѓу Македонија и Грција беше една од темите за која во Њујорк разговараа претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски и Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун.

https://p.dw.com/p/17Y7f
Фотографија: MIA

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вењаноски во Њујорк имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун. Како што изјави Вељаноски по средбата, главни теми на разговор биле процесот на разговори со Грција за надминување на спорот за името на Република Македонија, кој се води рамките на Обединетите нации, како и соработката меѓу Македонија и Обединетите нации во повеќе полиња.

„Средбата и содржината на разговорот што го имав со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун е своевидно продолжение на средбата која ја имавме, заедно со амбасадорот Метју Нимиц во јули минатата година. Во оваа прилика ја искористив можноста да му изразам благодарност на Бан Ки-Мун за неговиот активен и клучен придонес за придвижувањето на разговорите за решавање на спорот кој го имаме со нашиот јужен сосед - Република Грција, и за значењето за што поскорешно решавањето на ова прашање за наше интегрирање во Европската унија и во НАТО-структурите“, изјави Вељаноски по средбата.

На средбата, на која присуствуваа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев и Александар Спасеновски, било разговарано и за парламентарната соработка во регионот, како и за можноста парламентарната дипломатија и контактите меѓу пратениците во регионот да се искористат за подобрување на односите на земјите.

„Констатиравме дека парламентарната дипломатија се’ повеќе станува значаен инструмент за остварување на соработката, конкретно и за поинтензивна соработка со нашиот јужен сосед, при што со користењето на парламентарната дипломатија може полесно да се пристапи кон решавањето на сите спорни прашања. Парламентарната дипломатија може и полесно да ги отвори вратите од формалната дипломатија“, изјави Вељаноски.

Претседателот на Собранието Вељаноски очекува соработката и средбите со грчкиот парламент да течат во рамките на Процесот за соработка во југоисточна Европа, со кој Македонија е актуелен претседавач. На средбата било разговарано и за развојот на капацитетите на македонското Собрание.