1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот со името во свеста бргу ќе избледи

Нада Штајнман17 декември 2008

Интервју со проф. д-р Штефан Требст од Универзитетот во Лајпциг, раководител на истражувачкиот проект што се занимава со спорот меѓу Грција и Македонија околу името. Интервјуто го водеше Нада Штајнман.

https://p.dw.com/p/GHr6
Професор д-р Штефан Требст

„Грција и македонското прашање“ – е тема и на германски истражувања. Вие сте раководител на таканасловениот „Лајпцишки проект“ што се занимава токму со оваа тема. Зошто за Германците е важно да се истражува ова прашање?

Требст: Не верувам дека денес се‘ уште постои македонско прашање во онаа смисла како што постоеше во 19 век, како дел од прашањето на тогашниот Ориент, но мислам дека во Грција постои специфично грчко-македонско прашање, кое е актуелно се‘ до денес. Со оглед на тоа дека Грција е членка на ЕУ и на НАТО секако дека се засегнати и другите членки на двата сојуза, меѓу нив и Германија. Господине Требст, проектот беше потикнат од прашањето зошто Грците реагираа претерано чувствително на прокламирањето на македонската држава. На што ќе се концентрираат сега истражувањата? Требст: За оние отстрана, но и за повеќето Македонци навистина беше посебно непријатно изненадување што најострата реакција на конституирањето на македонската држава не дојде од Србија или од Бугарија, туку од Грција - држава со која поранешна Југославија, односно Република Македонија како нејзин дел, во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век имаше интензивни односи како на полето на шопинг- туризмот, така и во другите области на трговијата. Хипотезата на проектот гласи: вистинската хистерија што го зафати целото грчко општество од 1990 година во однос на Македонија не може да се објасни со тогашното распаѓање на Југославија и самостојноста на Македонија, туку таа има подлабоки корени во нерасчистената траума на она што во грчкото националистичко сфаќање се нарекува славо-комунизам. Републиканското крило во грчката Граѓанска војна од 1946 до 1949 година имаше опција не само да ја претвори Грција во мултиетничка држава, туку евентуално да дозволи и делови од Грција да и‘ се препуштат на новосоздадена Македонија, со образложение дека јазикот на мнозинското население е јужнословенски. Грчката траума е видлива и денес во проблематичниот однос на грчкото општество кон Македонците бегалци од граѓанската војна. Проектот се занимава и со стереотипите на Балканот. Од кога датираат историските проблеми, што е суштината на проблемот? Требст: Мислам дека главниот проблем е конфликтот меѓу империјално толкуваниот грчки национализам и сите други национализми во регион, што му конкурираат. Тоа е проблем што кралството Грција не успеа да го надмине во целиот период на неговото постоење се‘ до шеесеттите години. А и грчката Република од седумдесеттите години, па до почетокот на 21 век не успеа докрај да сфати дека големо-грчката идеја е нереална, бидејќи Грција е мала до средно-голема држава на Балканот. Тоа е по мене едното горчливо апче за Грците. А второто е неприфаќањето на фактот дека имањето грчко државјанство не е еднакво со припадноста кон грчкиот народ. Во Грција има граѓани кои не се Грци. Има Турци, кои се муслимани и зборуваат турски или такви што зборуваат словенски или албански јазик. Од гледна точка на многу ригидниот грчки национализам, таквата состојба мора веднаш да се измени во насока на хомогенизација - или преку асимилација или преку емиграција. Каква улога игра Александар Велики, околу неговото име се кршат копјата и во модерната политика? Што значи ова име во актуелниот спор? Требст: Голема несреќа за Александар Велики е фактот што и на грчки и на македонски се вика Александар Македонски, поради што конфликтот околу него е однапред програмиран. Две национални групи полагаат право на една и иста историска личност, при што аргументациите на обете страни се еднакво спорни од историска гледна точка. За стара Грција, за Атина како град-држава во четвртиот век пред нашата ера Македонија на Александар Велики беше варварска држава, со која тогашните Грци не сакаа да имаат ништо заедничко. Слична е и позицијата на Македонија, морам да нагласам дека станува збор само за делови од македонското општество, кои го присвојуваат Александар Велики со спорни историски аргументи. Со денешните македонски јужни Словени, Александар Велики, како фигура од едно сосем друго време, нема никаква врска, ниту во смисла на јазикот со кој се служел, ниту според културата, ниту според религијата. Но, таквата постапка не е невообичаена, денешни државни творби да се повикуваат на настани, личности или процеси што на нивната денешна територија се случувале пред повеќе стотици или дури илјади години. Уверен сум дека овој спор нема да има никаква смисла веќе за две-три наредни генерации. За пример, во деведесеттите години имавме спор околу сонцето од Вергина, а денес тој проблем е речиси потполно заборавен. Спорот се разгоре на почетокот од деведесеттите години кога тогашната југословенска Република Македонија се прогласи за независна држава. Македонија постоеше и во Титова Југославија, но токму по прогласувањето независност, тоа одеднаш стана огромен проблем за Грција. Зошто? Требст: Мислам дека тоа е поврзано со дискрепанцата меѓу грчката дипломатија и балканската политика што беше многу прагматично ориентирана, од една страна, и начинот како грчката политичка елита ја продаваше својата ориентација на внатрешнополитички план. Како екстремен пример можеме да го земеме Балканскиот пакт од почетокот на педесеттите години, што го склучија три држави: Грција, Турција и Југославија. Тие се обединија во споменатиот пакт во контекст на конфликтот на Титова Југославија со Советскиот Сојуз под Сталин за да се спречи евентуалниот напад на Советите. Таков пакт денес никој не може ни да си замисли. Грција и Турција навистина се обете членки на НАТО, но дека ќе склучат билатерален воен сојуз, тоа никој не би го ни помислил. Добро, таквиот пакт и не се одржа долго време, но затоа зборува за релаксираните односи меѓу Грција и тогашна Титова Југославија се‘ до седумдесеттите години. Како примери можат да се споменат влашките овчари од обете страни на границата, од грчка и македонска страна, кои можеа зимно време без проблеми да одат со стадата во долините на грчка страна, а летно време во македонските планини од другата страна на границата. Исто така, имаше и погранични собири еднаш до два пати во годината, како и конкретни подготовки за подобрување на инфраструктурата на граничните премини. За добрите односи во тоа време зборува и фактот што грчкиот конзулат во Скопје функционира непрекинато од создавањето во доцните четириесетти години, па се’ до денес. Нив не ги прекина ни воената хунта во Грција, ниту, пак, беа загрозени од масовните демонстрации во Грција во почетокот на деведесеттите години. Значи, секојдневната дипломатија и стопанските врски се развиваа без проблеми и понатаму. Тоа беше и подлогата за грчките инвестиции од втората половина на деведесеттите. На практично ниво односите беа опуштени дури и кога во грчките медиуми владееше тотална хистерија.

Сведоци сме на нова ескалација во спорот околу името. Што мислите, дали е можно двете страни да го надминат конфликтот и ако да, на кој начин?

Требст: Не верувам дека тоа ќе им појде од рака, сметам дека спорот ќе трае уште сто години. Затоа што Грција потполно би го загубила својот углед доколку сегашното име „Република Македонија“ официјално би било прифатено. Дури ни некакви дополнителни обележја како Демократска или слично нема да сменат ништо. Значи, проблемот со името ќе продолжи да постои, но на тој факт не треба да му се придава многу голема важност. Има и други примери во меѓународната политика како Кипар или Тајван и други земји, кои некоја држава не ги признава. Понекогаш станува збор и за големи држави, кои на меѓународен план се закануваат со вето. Ние во Германија, исто така, имаме искуство со слична ситуација, кога Сојузна Република Германија се обиде по пат на дипломатски притисок да го спречи признавањето на Германската Демократска Република. Резултатот беше фатален и имаше бумеранг ефект. Во случајот на Грција резултатот беше сличен. Грција со политиката кон Македонија во почетокот на деведесеттите години речиси потполно го демолираше својот и онака нарушен углед во рамките на ЕУ. Она што во последно време се случува на Балканот, дали може да се каже оти се пишува историја? Требст: Па, не би рекол дека е така. Некои уште ги зачувале учебниците од 19 век и понатаму се ориентираат според нив. Грчкиот став кон Македонија е најдобриот доказ за тоа. Ништо не зборува против можноста Грција да го смени ставот за 180 степени и да се прокламира како заштитник на Македонија. Со тоа би добила многу квалитетен сојузник на северната граница што би ја штител од негативните последици што доаѓаат од централниот регион на Западниот Балкан со Косово, Јужна Србија, Санџак итн.