1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот со името е билатерален, на Македонија местото и‘ е во ЕУ

10 февруари 2010

Македонија ја има поддршката од Чешка и се надеваме на успешно решение на спорот за името со Грција, изјави чешкиот премиер Јан Фишер по синоќешната средба (09.02.2010) со македонскиот премиер Никола Груевски во Прага.

https://p.dw.com/p/Lxcp
Никола Груевски и Јан ФишерФотографија: MIA

Македонија се надева дека за време на мандатот на чешкиот еврокомесар за проширување Штефан Филе ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија, изјави во Прага македонскиот премиер Никола Груевски на прес-конференцијата со неговиот чешки колега Јан Фишер. Тој пак од Филе очекува нова динамика во процесот на проширување на Унијата. Ова главно го пренесуваат дел од чешките медиуми во кусите информации за посетата на македонската владина делегација на Прага. Речиси во истовреме, во прво интервју по стапувањето на должноста, за државната Чешка Новинска Агенција ЧТК, новиот еврокомесар за проширување Филе порача дека иако интензивно ќе комуницира, нема да прима инструкции од Прага. Паралелно со македонските надежи за нов чешки импулс во евроинтеграциите, еврокомесарот Филе додава ,,една работа е да се комуницира со Чешка, земјата која Ве испратила во Европската Комисија, а сосема друга работа е да примате инструкции од таа земја и во нејзино име да лобирате.“

Македонија ја има поддршката од Чешка, што го покажавме и за време на нашето претседавање со Европската унија. Со надеж за успешно решение на спорот за името со Грција, Чешка ќе се радува на секој натамошен успех на Македонија во насока на евроатлантските интеграции на земјата, изјави чешкиот премиер Фишер.

,,Барањето ново име за ПЈРМ пред се‘ е билатерален спор. Тоа бара трпеливи преговори и мислам дека во иднина ќе се направи прогрес, со што на Македонија ќе и‘ се отвори патот за членство во Европската унија, што Чешка секако го поддржува,“ изјави Фишер.

Portrait Jan Fischer
Јан ФишерФотографија: AP

Решението не може да дојде само со едностран напор

Според Груевски пак, Македонија е ангажирана во процесот за изнаоѓање решение за спорот за името и приближување до ЕУ и НАТО, но за тоа, како што рече, е потребен ангажман од двете страни:

,,Се разбира дека решението не може да биде постигнато ако само едната страна го посакува и се бори за него и во тој контекст се надеваме дека и другата страна, Грција, ќе вложи поголеми напори и поголемо разбирање во целиот процес, за да се дојде до решение.“

Двајцата премиери отфрлија секаква можност за можни меѓуетнички тензии во Македонија, доколку нема придвижување на процесот околу изнаоѓање решение за името. Чешкиот премиер Фишер, изрази ,,умерен оптимизам“ и покрај, како што рече, ,,таквите изјави коишто се актуелизираат од време навреме“.

Груевски денеска ќе оствари средба и со чешкиот претседател Вацлав Клаус, а за можното продлабочување на економската соработка ќе се дебатира на Бизнис форумот меѓу македонски и чешки стопанственици.

Инаку, ова е втора средба на македонскиот премиер Груевски со неговиот чешки колега Јан Фишер во Прага во последните девет месеци

Автор: Теодора Давчевска

Редактор: Жана Ацеска