1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортски пулсирања

1 март 2010

Учество на македонските спортисти на ЗОИ; Ракометарите на Вардар конечно излегоа од резултатската летаргичност во Лигата на шампионите; продолжува фудбалското првенство на Македонија.

https://p.dw.com/p/MG8X
Затворени ЗОИ во ВанкуверФотографија: AP

Далеку од високите резултатски дострели, македонските репрезенти беа дел од Зимски олимписки игри во Ванкувер. Антонио Ристевски со 53-то место во велеслалом е најдобриот експонент од тројцата учесници во натпреварите.

Ракометарите на Вардар конечно излегоа од резултатската летаргичност во Лигата на шампионите. Вардарците на гости, во Цирих, ја нокаутираа швајцарската Амициција со 31 спрема 24, со првата победа, изненадувајќи се и самите себеси и ракометната јавност.

Без многу помпезност, без екипите на Македонија Ѓорче Петров и Слога, на кои од страна на ФФМ им беше потврдено отстранувањето поради есенскиот бојкот, со 10 екипи продолжи фудбалското првенство на Македонија. Металург на гости ја совлада Победа со 1спрема 0. Пелистер со победнички 2 спрема 1 над Тетекс со цел плен се враќа од Тетово. Силекс лесно со 3 спрема 0 го мина Хоризонт, а засилениот Вардар со 2 спрема 0 го совлада Милано. Слободни во ова 19 коло беа водечките Ренова и Работнички.

Следат денови на засилена меѓународна спортска активност во Македонија. В среда во Скопје гостин е фудбалската селекција на Црна Гора на пријателско одмерување на силите со избраниците на Мирсад Јонуз. Во деновите од викендот падините на Попова Шапка ќе ги украсат алпинци од десетина европски земји. На програмата е ново издание на Шарпланински скијачки куп.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска