1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спречен пуч во Грузија? Русија ги отфрли обвинувањата

5 мај 2009

Драматични превирања во Грузија: наводно спречен е државен удар. Руските тајни служби се обвинети дека биле организатори, што е демантирано од руска страна.

https://p.dw.com/p/HkAx
Прстот повторно вперен кон РусијаФотографија: AP

Министерството за внатрешни работи на Грузија соопшти дека спречило воен пуч планиран од руски тајни служби и уапсило повеќемина офицери. До побуна дошло во касарна во близина на главниот град Тбилиси. „Ситуацијата е сега под контрола. Се водат разговори со командантите на двата баталјона. Изгледа дека ќе се предадат. Имаше еден вид побуна во која беше вклучен еден баталјон, а сега се чини дека ситуацијата се смирува“, рече Шота Утиашвили, претставник на грузиското министерство за внатрешни работи.

Во однос на целта на бунтовниците Утиашвили изјави: „Очигледно планот бил да се спречат маневрите на НАТО, што беше планирано да започнат утре во Грузија. Ситуацијата сега е под контрола и сметаме дека нема да има проблеми за маневрите“.

Според Утиашвили, војниците планирале со руска помош напад со експлозив за време на маневрите на НАТО. Медиумите во главниот град Тбилиси известија и за побуна во тенковски баталјон во местото Мукровани, во кој војниците одбиле извршување на наредбите. Тбилиси има информации дека Москва сака да провоцира безредија, за да го собори раководството на земјата, изјави претседателот Михаил Саакашвили. На ова руското министерство за надворешни работи му префрли на грузискиот претседател за „болни“ антируски тенденции.

Русија ги демантира обвинувањата

Грузиското раководство во минатото повеќепати и’ подметнуваа на Русија дека има намери да организира државен удар. Рускиот амбасадор во НАТО, Дмитриј Рогозин, ги означи како „смешни“ грузиските обвинувања. „Ние постепено веќе се навикнавме на такви бесмислени обвинувања од грузиска страна“, рече Рогозин. Обвинувањата, според него, се обид на претседателот Сакашвили да го одврати вниманието од противниците во сопствената земја. Рогозин, инаку, претходно ги критикуваше планираните маневри на НАТО во конфликтното подрачје како „провокативни“.

Внатрешнополитичката криза во Грузија се заострува од војната со Русија во август минатата година. Опозицијата во Тбилиси му ја припишува на Саакашвили вината за таа војна, по која Русија ги призна како независни држави сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија. Критичарите на владата со постојани протести веќе со недели бараат оставка на претседателот.

Во маневрите на НАТО треба да учествуват 1900 војници. Москва успеа да разубеди 3 од 19-те земји што требаше да учествуваат, па Србија, Молдавија и Казахстан, сите од програмата „Партнерство за мир“, нема да испратат војници. Во знак на протест поради планираните маневри, што не се откажани и покрај повеќекратни руски предупредувања, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го откажа учеството на средбата на Советот НАТО - Русија, закажана за 18 и 19 мај.

Автор: ЗЈ/АТ/дв/дпа/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска