1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спринтерска примадона

Златко Калински17 август 2013

Атлетичарката на Јамајка Шели-Ен Фрејзер на Светското првенство во Москва потврди дека во моментов е најбрзата жена на светот. По победата на 100 метри, таа суверено го освои златниот медал и на двојно подолгата патека.

https://p.dw.com/p/19RO5
Фотографија: dapd

Шели-Ен (на фотографијата втора од лево) има многу заедничко со Јусеин Болт. Го носат дресот на Јамајка, а со секое излегување на патеката одново и одново потврдуваат колку се брзи и дека во моменов немаат вистински пандан. Се разликуваат само во конституцијата. Болт е физички доминантен, за разлика од Шели-Ен, која е вистинска спротивност. Ниска, со панделка во косата и со позитивна насмевка на лицето изгледа како помлада сестра на некоја од противничките, за во следниот момент да се претвори во вистинска молња на тартанот. Тоа го почувствуваа незините конкурентки и во Москва. По триумфот во една од најбрзите „стотки“ со 10.71, шампионката на Јамајка ја обедини титулата и на 200 метри!

„Одлично се чувствувам по оваа победа. Од психолошки аспект сево ова беше тешко да се постигне. Јас постојано се уверував самата себеси дека не смее да ме напушти ниту желбата ниту вербата. Успеав да се сконцентрирам и на второто финале, да се подготвам исто како за трката на 100 метри. Бев во слична ситуација и минатата година на Олимписките игри, тогаш не успеав, но лекцијата од Лондон ја научив и сега се чувствувам добро“, беа зборовите по трката на пресреќната Шели-Ен Фрејзер-Прајс.

Само на две спринтерки во тридецениската историја им успеа на исто светско првенство да забележат двоен спринтерски триумф на 100 и на 200 метри. Тоа се Германките Зилке Гладиш во 1987 година во Рим и Катрин Крабе 4 години подоцна во Токио.

Подемот на „малата ракета“

Шели-Ен Фрејзер, родена во Кингстон на Јамајка, вниманието врз себе го насочи пред десетина години, повеќе со физичката конституција, со малиот раст од само 152 сантиметри и со силната мускулатура, одошто со импресивноста на резултатите. Нејзината спринтерската слава ќе започне со Светското првенство во Осака, во 2007 година, со златниот медал на 100 метри. Шампионскиот тренд продолжи и на Олимписките игри во Пекинг. Една година подоцна ќе блеска и на мундијалот во Берлин во 2009-та година, кога целта ја мина со извонредни 10.73. Го доби прекарот „мала ракета“ поради исклучително експлозивниот старт. Ќе остане мала тајна што се случи со неа во финалето на шампионатот во Даегу, откако на половина од трката беше веќе видена како побеник, за на крај да биде 4-та!

Испитот на спринтерска „зрелост“ го имаше на Олимпијадата во Лондон. Делумно го положи, со одбрана на златото од Пекинг на 100 метри и со пораз на 200 метри од Американката Алисон Феликс.

Примарни победите

Шели-Ен Фрејзер е една од оние атлетичарки кои уживаат во спортскиот натпревар. Победите се нејзиниот приоритет! Во атлетиката силна димензија имаат постигнатите резултати, но за неа тие и не се премногу примарни. Таа е изданок на плејадата спринтерки кои ја прославија Јамајка, почнувајќи од Мерлин Оти и Грејс Џексон во 1980-те. Денес Јамајка е најдоминантната спринтерска сила на светот, а предводничката е 26-годишната Шели-Ен Фрејзер-Прајс. Со досега 2 освоени златни медали и со третиот медал кој се очекува во штафетата 4х100 метри, таа се наметнува како една од најуспешните атлетичарки на светското првенство во Москва.