1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПЦ избира нов патријарх

22 јануари 2010

Две месеци по смртта на патријархот Павле, СПЦ на денешниот Сабор би требало да избере нов поглавар. Невкусната кампања не изостана ни во оваа изборна трка, сметаат аналитичарите во Србија.

https://p.dw.com/p/Ldbk
Кој ќе биде наследникот на партијархот Павле (на фотографијата)?Фотографија: picture-alliance / dpa

Српската православна црква денеска би требало да добие нов патријарх, со што ќе се стави точка на борбата која според сите белези личеше на вистинска политичка предизборна кампања преполна со ниски и многу често невкусни удари.

Социологот на религии Мирко Ѓорѓевиќ за Дојче веле истакнува дека некои владики во таа кампања се однесувале извонредно невкусно: „Но во Србија е се’ можно, па така и јавна кампања каква што води владиката Василије Качавенда, кој го правда своето богатство и својот луксуз со укажувањето дека и другите владици го имаат истото. Притоа тој воопшто не се воздржува да говори за тоа.“

Посакувани особини на новиот патријарх

Saborna Kirche in Belgrad
Соборната црква во БелградФотографија: DW

Србија е секуларна држава и изборот на патријарх е внатрешна работа на црквата. Но, социологот Ѓорѓевиќ предупредува: „Меѓутоа во кампањата се вклучи и трет фактор, а тоа се центрите на политичка моќ кои настојуваат да го протуркаат, се разбира, не јавно, својот кандидат.“

Мирко Ѓорѓевиќ не сака да лицитира со имињата на можните наследници на покојниот патријарх Павле, но сака да говори за посакуваните особини на новиот поглавар на СПЦ: „Новиот патријарх би требало да има некои докажано добри особини на патријархот Павле: скромноста, смислата за рамнотежа. Но тој би требало да ги избегне и неговите пропусти и мани за кои сега не се говори. А се сеќаваме како го водеа по борбените линии на ’гордите’ војски на Караџиќ и Младиќ.“

Однос кон БиХ како целовита држава

Ѓорѓевиќ додава дека новиот патријарх би морал и да го промени односот на СПЦ кон Босна и Херцеговина: „Треба да заземе однос кон Босна и Херцеговина каков што СПЦ сега нема и никогаш не заземала. Тоа треба да биде однос кон една целовита држава со три народа и да не ги подгрева илузиите на некаков Милорад Додик дека работите можат да се превртат и оти БиХ може да се распарчи. Тоа би бил реален став и се надевам дека ако не веднаш, тогаш со време, тој став ќе надвладее.“

Колку ваквите очекувања се реални, а колку само збир од желби, би требало да се види денеска, кога доколку нема ненадејни компликации, СПЦ ќе го доби новиот патријарх.

Автор: Динко Грухоњиќ/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска