1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија добива преговори со ЕУ најдоцна во јануари

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски26 јуни 2013

Советот на министри на ЕУ им препорача на лидерите на земјите-членки во петок (28.06) да одредат датум за отворање пристапни преговори за влез на Србија во Унијата. Препораката е тоа да се случи најдоцна во јануари 2014.

https://p.dw.com/p/18wd2
Фотографија: EU Commission

По подолга дискусија Советот на министри дојде до консензус и едногласно им препорача на лидерите на ЕУ да отворат преговори за членство со Србија кои треба да почнат најдоцна во јануари следната година. Прифаќањето на оваа препорака ќе и‘ овозможи на Европската комисија веднаш да започне со изработка на преговарачка рамка, а потоа и процес на скрининг, односно усогласување на српското со европското законодавство.

„Нашите препораки произлегуваат од позитивниот развој на случувањата во тој регион“, изјави претседавачот на Советот, ирскиот министер за надворешни работи, Емон Гилмор.

„Од Кетрин Ештон и Штефан Филе бевме известени за напредокот во примената на договорот меѓу Белград и Приштина. Верувам дека овие препораки ќе ги охрабрат двете земји да продолжат на патот кон целосна нормализација на односите. Денеска испраќаме силна позитивна порака до Србија и Косово за поддршка на нивниот европски пат“.

Комесарот за проширување Филе вели дека Европската комисија очекува дека Советот, врз основа на препораките на министерскиот совет, во петок на 28 јуни формално ќе ги отвори преговорите за пристапување со Србија.

„Заклучоците усвоени денеска ги опишуваат следните чекори: прво, Комисијата ќе биде повикана да претстави нацрт преговарачка рамка, на што веќе работиме. Советот ќе треба да ја одобри таа рамка со цел да се одржи прва Меѓувладина конференција најдоцна до јануари 2014. Не се исклучува тоа да се случи и порано, а Комисијата ќе работи тоа технички да го овозможи и порано, доколку постои консензус меѓу земјите-членки веќе во октомври“. Филе соопшти дека мнозинството земји биле за тоа датумот да се одреди и порано, но било важно да се одржи консензусот во ЕУ.

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Договорот со Приштина е клучен за напредокот на СрбијаФотографија: European External Action Service

„Никој не поставува нови услови, напротив, сите земји-членки изразија благодарност и на премиерите на Србија и Косово и на високата претставничка Ештон“, рече Филе.

Белград и Приштина ги надминаа очекувањата

Во т.н. скрининг процес Европската комисија фокусот во Србија ќе го стави на поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на правосудството, фундаменталните права, безбедноста, но и на поглавјето 35 кое ќа ја покрива натамошната нормализација на односите со Косово.

На состанокот во Луксембург, министрите препорачаа и отворање преговори за Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово.

„Ова е добар ден за двете земји. Тие ги исполнија условите поставени минатиот декември. Моето и мислењето на шефицата на дипломатијата Ештон е дека тие дури и ги надминаа очекувањата во поставувањето на нивните односи на нов пат. Од друга страна, ваквата одлука на земјите-членки е и доказ за веродостојноста на процесот на проширувањето“, рече Филе.