1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија доби нова влада

16 мај 2007

По речиси четири месеци од парламентарните избори Србија конечно доби нова влада. Кусо пред истекот на законскиот рок парламентот го изгласа новиот владин кабинет на старо новиот премиер Воислав Коштуница.

https://p.dw.com/p/Abx8
Старо-новиот премиер Воислав Коштуница пред медумите ги објаснува главните цели на новиот владин кабинет
Старо-новиот премиер Воислав Коштуница пред медумите ги објаснува главните цели на новиот владин кабинетФотографија: AP

За новата влада се изјаснија 133 од вкупно 244-ицата пратеници на српскиот парламент. Против гласаа 106-мина. Кусо пред гласањето Српската радикална партија се обиде да го попречи со протестна акција поради рацијата за фаќање на генералот Ратко Младиќ во центарот на Белград. Српскиот генерал го бара Хашкиот трибунал под обвинение за злостори во босанската војна.

По давањето заклетва премиерот Воислав Коштуница како главни задачи на новиот кабинет ги посочи иднината на Косово, членството во ЕУ, соработката со Хашкиот трибунал, борбата против корупцијата и организираниот криминал и подобрувањето на економската и социјалната ситуација во земјата.

“На Србија и е неопходна стабилност, таа стабилност ја нема без стабилна влада. Уверен сум дека со формирањето на оваа влада се наоѓаме на патот што на Србија и‘ гарантира и стабилност и натамошен равој“ - нагласи премиерот по изборот на владата.

62-годишниот Коштуница има намера да го попречи одвојувањето на Косово од Србија. При тоа полага големи надежи во ветото на Русија во Советот за безбедност на ОН.

Во новиот кабинет седат 13 министри од Демократската партија на српскиот претседател Борис Тадиќ, осуммина од партијата на премиерот Коштуница и четворица од партијата Г-17 плус. Водечки политичари на ЕУ инсистираа на создавање нова влада од демократските сили во Србија, како услов за обнова на преговорите за стабилизација и асоцијација. Тие беа замрзнати пред една година поради недоволната соработка на Србија со Хашкиот трибунал. Во сондирање на новата ситуација денеска во Белград се очекува евро-комесарот за проширување Оли Рен. Тој пред се‘ сака да се увери во решеноста на новата влада за наоѓање на обвинетите злосторници од војните на просторот на поранешна Југославија.