1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија-ЕУ: Трошна куќа со две врати

Автор: Драгослав Дедовиќ / Превод: Е.М.Фиданоска21 јануари 2014

Почетокот на преговорите за приклучување со ЕУ за Србија е успех, но вистински тешките и болни реформи на општеството допрва претстојат, оценува во коментарот на тема Србија-ЕУ, Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/1AuAu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Српските политичари можат задоволно да се потчукнат по рамо, а некои од нив ќе се насмевнат и пред камерите во друштво на европските моќници. И тогаш тој дел од приказната ќе биде завршен. Штом ќе се премине на оперативно ниво, преговорите со ЕУ ќе се претворат во радикални и болни реформи. Да се осврнеме на потеклото на тие болки:

Едностраната социјалистичка модернизација на земјата во Титовата ера доживеа целосен крах на почетокот на 1990-тите и заврши во воен хаос. Последиците од тоа се видливи до денес. Вториот обид за радикална модернизација, овојпат со еврокапиталистички предзнак, е едноставно осуден на успех, затоа што Србија, барајќи се самата себеси и својот општествен и државен идентитет, веќе загуби неколку децении, па нема време за губење. Дојде време земјата да се тргне од постјугословенска парализа. Претстојните преговори можат да бидат добра рамка за ослободување од заблуди. За да се поправи катастрофалната состојба во најголемата држава произлезена од Југославија, официјален Белград во целиот потфат мора да вложи многу време и енергија. Во најдобар случај, состојба на компатибилност со ЕУ ќе биде постигната до крајот на оваа деценија.

Наспроти значителните тешкотии, на Хрватска и‘ беа потребни само шест години за да ги заврши преговорите и сега е полноправна членка на Унијата. Тој пример на Србија може да и‘ послужи како охрабрување. Меѓутоа, постојат и застрашувачки примери. Првото барање за прием во тогашната Европска економска заедница Турција го поднесе пред 55 години. Значи брзината на приближување не зависи само од трудот на кандидатите, туку и од глобалните геополитички прилики. Сепак, Србија би требало тој процес да го заврши консеквентно, не заради Брисел, туку заради иднината на своите граѓани.

Односите со соседите

Притоа ќе отпаднат некои врежани ставови кои се плод на самозалажување. Пред се‘ станува збор за политиката кон Косово. Во Преамбулата на Уставот од 2006 година се нагласува дека Косово е составен дел на Србија. Европската унија преговара токму со тој „составен дел“ за неговите перспективи за членство. Со истиот „составен дел“ српската влада, со посредство и притисок од Унијата, го потпиша Бриселскиот договор за нормализација на односите. Може да се случи Србија многу бргу во текот на преговорите да мора да ѕирне во поглавјето 35, каде зад безопасната ознака „Разно“ се крие токму косовското прашање. А тоа повторно значи дека Белград порано или подоцна ќе мора да ја ублажи својата уставна формулација за, нормализирајќи ги односите со Приштина, да не делува противуставно. Во исто време Србија, со руска поддршка, го блокира пристапот на Косово во ОН, на големо незадоволство на Лондон, Париз и Берлин.

Deutsche Welle Serbisch Dragoslav Dedovic
Драгослав Дедовиќ, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Освен тоа, во Хаг има и тужба на Хрватска и противтужба на Србија за геноцид во војните во деведесеттите. Коректни односи со соседите се важна претпоставка за членство во ЕУ, а добрите соседи секогаш предност му даваат на спогодбеното решевање на споровите.

Односите со Русија

Друг камен на сопнување е стратешкото енергетско партнерство со Русија. Газпром поставува цевки низ кои по ЈУжен тек ќе може да мине само руски гас. Таков монопол не е во согласност со одредбите за пазарна конкуренција на ЕУ. Наспроти најавите дека Брисел целата работа ќе ја решава билатерално со Москва, Србија во одмерувањето на силите би можела да се најде во незавидна ситуација да избира меѓу рускиот гас и кредитите и обврските кон Брисел.

Иако српските политичари радо ја повторуваат крилатицата на Николиќ „Куќа со две врати, кон исток и кон запад“, еднаш некој ќе мора да каже каде е главниот, а каде споредниот влез. Постојаното балансирање меѓу светови, кое потсетува на Титовата политика на неврзаните, не може да се применува довека.

Борба против корупцијата

Најважни, сепак, ќе бидат преговорите кои се однесуваат на правната држава. Успесите во изминатите две години, спектакуларните апсења олигарси и припадници на тајната служба кои во времето на Милошевиќ убивале новинари, не можат да го прикријат купот други структурни проблеми. Правосудството не е ефикасно и подложно е на влијанија, секојдневната корупција има пуштено длабоки корени. Тука се и погрешните приватизации, недоволниот прилив на странски инвестиции, пренадуената државна управа, застарената инфраструктура. Работа, кариера и фотелји делат партиите, успехот е заснован на партиска книшка, граѓаните се главно заложници на партократијата.

Сето тоа, без емоции, ќе биде снимено во т.н. „скрининг“. Србија ќе мора да ги засука ракавите. Големите историски цели од воениот 20-ти век, за кои загинаа и милиони Срби и нивни непријатели, се минато. Во Белград во иднина ќе се создава историја така што постепено ќе се применуваат сите стандарди на сосема просечна членка на ЕУ. Веќе самото тоа е доволно амбициозна цел чие остварување може да потрае.