1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија задоволна, Приштина изрази жалење

9 октомври 2008

На Србија и успеа. Извојува дипломатска победа во ОН. Генералното собрание ја усвои резолуцијата со која Белград бара Меѓународниот суд на правдата во Хаг да ја преиспита легитимноста на прогласената независност.

https://p.dw.com/p/FWhl
Генералното собрание на ОН го усвои барањето на СрбијаФотографија: AP

„Имаме 77 гласа ’ЗА’, 6 против и 74 воздржани“, соопшти претседателот на Генералното собрание Мигел Деското Брокман по гласањето. Резолуцијата којашто ја поднесе Србија, ја образложи министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ. Тој во говорот истакна дека неговат земја максимално воздржано реагираше на едностраното прогласување на независноста на Косово и својот суверенитет и територијален интегритет реши да го брани со дипломатски средства.

„Одбравме да побараме советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за легалноста на едностраното прогласување на независноста. Овој неконфронтирачки пристап е високо принципиелен и легитимен. Целта му е да се намалат тензиите во регионот и да се исполнат нашите напори за помирување. Србија верува дека со испраќањето на ова прашање во Меѓународниот суд ќе се спречи косовската криза да служи како проблемтичен преседан за било кој дел од светот кој има сецесионистички амбиции“, аргументираше Јеремиќ.

EU Aussenministertreffen in Brdo Slowenien Vuk Jeremic
Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ е задоволен од исходотФотографија: AP

Соерс: барањето е од политички, а не од правни причини

Амбасадорот на Велика Британија, Џон Соерс, чија земја гласаше воздржано во своето обраќање изјави дека зад барањето на Србија стојат политички, а не правни причини.

„Барањето е направено за да се успори процесот Косово да стане широко признаена држава којашто ќе има свое место во меѓународните институции. Независноста на Косово е и ќе остане реалност. Српската влада ќе мора да реши како ќе се помири со таквата реалност“, нагласи Соерс. И американскиот помошник државен секретар Розмари Ди Карло, во своето обраќање изјави дека оваа резолуција е „непотребна“ и дека нема да биде од помош. „Независноста на Косово е неповратна“, додаде Ди Карло.

За Белград ова е голема дипломатска победа

„Ова е голем ден за меѓународното право“, рече српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ. Премиерот Мирко Цветковиќ пак оцени дека ваквата одлука е „потврда дека нивните напори не биле залудни, туку од меѓународната заедница се прифатени како легитимни и логични.“ Од друга страна косовскиот претседател Фатмир Сејдиу изрази „жалење“ за одлуката предупредувајќи дека овој потег „нема да помогне во напорите за промовирање на долготрајна стабилност на Косово и во регионот“. Сејдиу најави дека неговата земја активно ќе учествува во презентирањето на овој случај пред Меѓународниот суд за кој очекува да биде „непристрасен и фер“.

Fatmir Sejdiu.jpg
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу изрази жалење за одлукатаФотографија: picture-alliance/dpa

Со вчерашното усвојување на резолуцијата сега таа стана и официјален документ на ОН, кој Генералното собрание треба да му го проследи на Меѓународниот суд на правдата.