1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија на чекор до почеток на преговорите

Марина Максимовиќ / Александар Методијев17 декември 2013

Советот за општи работи на ЕУ денеска (17.12.2013) би требал да расправа и да ги формира заклучоците за почетокот на преговорите на Србија за членство во ЕУ. Препорака да се отворат преговори даде и Кетрин Ештон.

https://p.dw.com/p/1Aas5
Фотографија: DW

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон, вели дека е „импресионирана со напредокот и преданоста“ на Србија во процесот за нормализација на односите со Косово. Таа го повика Советот на министри да „се држи до зборот“ и да ги отвори преговорите за членство на Србија во ЕУ, најдоцна до јануари 2014 година. Кетрин Ештон веќе ги извeсти министрите за надворешни работи на 28-те земји-членки дека Србија ги исполнила сите клучни обврски кои произлегуваат од Бриселскиот договор и препорача организирање на прва Меѓувладина конференција на Србија и ЕУ.

„Ако го погледнете списокот на постигнатото од априлскиот договор, тој е навистина импресивен. Некаде отидовме дури и многу подалеку и побрзо отколку што очекував. Сега работиме на последните детали кои се однесуваат на правосудството“, изјави Ештон по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои вчера (16.12.2013) беа запознаени од страна на Ештон со постигнатото во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Нагласувајќи дека е „импресионирана со напредокот и преданоста“ на двете страни, Ештон изрази надеж дека Советот на министри ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Србија.

„Мојата препорака е дека би требале да го направиме тоа што го ветивме и да ја организираме првата Меѓувладина конференција и да направиме чекор напред со Србија“, порача Ештон.

Genf Atomgespräche 10.11.2013
Ештон оцени дека Србија ги исполнила условите за членство во ЕУФотографија: Getty Images/Afp/Fabrice Coffrini

Дефинирање на датумот и преговарачката рамка

Извештајот на шефицата на европската дипломатија за напредокот во имплементирањето на првиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, покрај извештајот за внатрешните реформи во земјата, претставува клучен елемент во одлуката на ЕУ да отвори преговори за членство со Србија. И пред неговото објавување, во Европската комисија, Европскиот парламент и меѓу земјите-членки на ЕУ преовладуваше мислењето дека Белград постигнал напредок доволен да влезе во преговори за членство.

„Србија покажа голема преданост на својот европски пат. Последните недели покажаа дека се исклучително подготвени на компромис и мислам дека за тоа би требале да бидат наградени“, изјави министерот за надворешни работи на Холандија Франс Тимерманс, ден пред финалната расправа во Советот на министри за датумот за почеток на преговорите со Србија.

Неофицијално се очекува земјите-членки да се договорат за 21-ви јануари, како датум за почеток на пристапните преговори со Србија. Покрај датумот, денеска се очекува и конечно дефинирање на преговарачката рамка.