1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија очекува брз почеток на преговорите со ЕУ

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски9 септември 2013

Белград и Приштина постигнаа договор за телекомуникациите и енергетиката. Брисел оценува: сега приоритет е организација на локалните избори на Косово. Србија го исполни својот дел, сега е на ред ЕУ, рече Дачиќ.

https://p.dw.com/p/19dyc
Фотографија: European External Action Service

Две години по почетокот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, двајцата премиери, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи го потпишаа договорот за телекомуникациите и енергетиката: „Постигнат е договор кој во моментов овозможува функционирање на тие системи без какви било промени на теренот“, изјави српскиот премиер Дачиќ: „Значи за граѓаните нема да има какви било промени кога станува збор за енергетискиот систем и телекомуникациите. Прашањето на сопственоста тука, како и во другите области, ќе биде предмет на идните разговори, кои ќе продолжат по одржувањето на локалните избори на Косово“, додаде Дачиќ.

По шеснаесеттата рунда разговори во Брисел, премиерот на Косово, Хашим Тачи не сакаше да влегува во детали за постигнатиот договор, додека пак српскиот премиер објасни дека „системот на телекомуникации на Косово и Метохија, кога станува збор за Србите, ќе функционира непречено“, дека Меѓународната телекомуникациска унија на Косово ќе му додели на користење троцифрен повикувачки број, но и оти ќе минат „долга низа години, додека тоа да биде применето во праксата“, како и дека телефонските разговори меѓу централна Србија и Косово ќе продолжат да имаат локален карактер и оти српските оператори за фиксна и мобилна телефонија ќе имаат свои лиценци сѐ до распишувањето на тендери на Косово, предвидени од 2015. година.

Дачиќ: наш најголем интерес и излегување на локалните избори

Кога станува збор за подготовките за претстојните локални избори на Косово, во разговорите меѓу двете страни е потврдено дека во Централната изборна комисија ќе биде именуван претставник на Србите, дека граѓаните од Косово кои имаат српски документи ќе бидат на избирачките списоци, како и дека одлуката за амнестија ќе биде во целост применета: „Без загрозување на националниот и државниот интерес, успеавме да го спроведеме она што пред нас беше поставено како критериум за напредок во евроинтеграците. Србија го исполни својот дел обврски и сега очекуваме тоа да го стори и Европската унија. Уште еднаш би сакал да им порачам на Србите на Косово и Метохија дека раководството на Србија ќе стори сѐ за заштита на нашиот национален и државен интерес а проценуваме дека од најголем национален и државен интерес е да се излезе на локалните избори и Србите на тој начин да добијат сопствена власт која ќе биде незаобиколлив фактор на Косово и Метохија“, порача Ивица Дачиќ.

EU Außenpolitik Ashton, Dacic und Thaci in Brüssel OVERLAY
Фотографија: picture-alliance/AP

Преговори за членство во ЕУ на крајот од 2013. или почетокот на 2014. година

Во Брисел велат дека во наредниот период фокусот ќе биде токму на подготовките на изборите за локалната власт на Косово на 3. ноември. Дури по овие избори може да се очекува продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел, кога на дневен ред би можела да се најдат засега заобиколуваните прашања на сопственоста. Во меѓувреме на средината на октомври се очекува Европската комисија да излезе со годишниот извештај за напредокот во областа на евроинтеграциите за Србија и за Косово, додека пак одлуката за почеток на преговорите за членство на Србија, односно за Договорот за стабилизација и асоцијација на Косово, би требало да биде донесена на Советот на ЕУ во декември. Официјален Белград очекува дека најдоцна до крајот на јануари 2014. година, а можеби веќе и на крајот на декември годинава ќе биде организирана првата конференција со ЕУ, со што официјалнио би започнале преговорите на Србија за членство во Унијата.