1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија очекува преговори за членство

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска30 јануари 2013

Падот на поддршката на граѓаните на Србија за ЕУ ќе се промени кога врз основа на резултатите од реформскиот процес, земјите членки ќе бидат подготвени да отворат пристапни преговори со Белград. Можеби веќе во јуни?

https://p.dw.com/p/17Tuv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската комисија до средината на април ќе го претстави извештајот за напредокот на Србија, како за дијалогот со Приштина така и во внатрешните реформи, што на земјите членки на ЕУ ќе им даде доволно време до јуни да одлучат дали на земјата ќе и доделат датум за почеток на пристапните преговори за членство, порача комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе, отворајќи ја конференцијата на европските народни партии „Западен Балкан: Иднината во Европа“.

Филе притоа повторни дека ЕУ не сака да „увезува билатерални проблеми“ и порача дека сите отворени прашања мораат да се решат пред влез во ЕУ, односно во процес паралелно со преговорите за членство.

Коментирајќи ги последните истражувања на јавното мислење, кои говорат дека најнизок процент на граѓани на Србија, 41 отсто, денес поддржуваат пристапување на земјата во ЕУ, комесарот за проширување оценува дека е во прашање момент кога „властите во Србија се занимаваат со најосетливото прашање кое е врзано со политичкиот дијалог со Приштина“: „Се надевам дека мислењето на јавноста ќе се промени кога на основа на резултатите од тој дијалог и исполнување на други критериуми за членство, земјите членки на ЕУ ќе бидат подготвени да започнат пристпани преговори со Србија“.

Грубјешиќ: Поголема поддршка за ЕУ отколку за политичарите во Србија

Со оглед на тоа „низ што се’ мина земјата“ заменичката на премиерот на Србија задолжена за евроинтеграции Сузана Грубјешиќ во Брисел изјави дека ја „чуди што тој процент на поддршка за Европската унија е толку висок“: „Сепак и сега тоа е повисока поддршка отколку што ја има која било партија, политичар или општествен процес“, оценува заменик премиерот на Србија.

Suzana Grubjesic mit Stefan Füle
Сузана Грубјешиќ и Штефан ФилеФотографија: DW

Грубјешиќ, која учествуваше на конференцијата за посветеност на евроинтеграциите и соработка во регионот на Западниот Балкан ја нагласи определеноста на владата во Белград да продолжи со исполнување на европската агенда, со цел просперитет на Србија земја која е добар партнер на соседите и која „придонесува, а не е товар на ЕУ“. Порачувајќи дека Србија нема да ја изневери ЕУ, Грубјешиќ изрази и очекување дека земјите членки на ЕУ ќе ги почитуваат декемвриските заклучоци на Советот на ЕУ и ќе дозволат Србија годинава да ги почне пристапните преговори.

ЕУ посилна со Западен Балкан

Во заклучоците од конференцијата посветена на Западен Балкан во Европскиот парламент е нагласена јасната поддршка од сите политички групи во процесот на проширување на ЕУ во тој регион. Се очекува дека токму годинава би можела да донесе нови и значајни чекори на европскиот пат на повеќето земји од Западен Балкан. Затворајќи ја годишната конференција на Европските народни партии претседателот на Одборот на Европскиот парламент за соработка со Југоисточна Европа Едвард Кукан изјави: „Верувам во денот кога сите земји од Западен Балкан ќе бидат членки на ЕУ и верувам дека кога тоа ќе се случи, Европската унија ќе биде посилна со нив“.