1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија разлутена, Хрватска задоволна

АТ/ бета/ афп16 ноември 2012

Ослободителната пресуда за хрватските екс генерали Анте Готовина и Младен Маркач жестоко се критикува во Србија и Република Српска. Во Хрватска властите ја поздравија одлуката на Хашкиот трибунал.

https://p.dw.com/p/16kRT
Фотографија: Reuters

Поделени реакции на ослободителната пресуда за хрватските екс генерали Анте Готовина и Младен Маркач.

Српскиот претседател Томислав Николиќ оцени дека е јасно дека одлуката на Хашкиот трибунал за ослободување на Готовина и на Маркач е политичка, а не правна.

Премиерот на Србија Ивица Дачиќ денеска оцени дека ослободителната пресуда на Хашкиот трибунал за хрватските екс генерали Анте Готовина и Младен Маркач ги потврдува тврдењата дека Хашкиот трибунал не е суд.

„Тоа ги потвдува тврдењата на оние, кои велат дека Хашкиот трибунал не е суд, туку дека исполнува однапред зададени политички задачи“, изјави Дачиќ на почетокот на состанокот со шефот на Еулекс Де Марњак денеска во Владата на Србија.

Претседателот на националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал Расим Љаиќ изјави дека тој суд за воени злосторници, со ослободувањето на хрватските генерали обвинети за злосторства во акцијата „Бура“ „загуби секаков кредибилитет“. „Ова денеска е само доказ за селективна правда, која е полоша од секаква навреда“ изјави Љаиќ.

Претседателот на Советот заклучи дека не е исполнет ниту една од целите на Трибуналот: „далеку сме од помирување, а нема ниту правда за жртвите“.

Република Српска: Пресудата е срамна

Официјалните лица и политичарите во Република Српска од своја страна оценија дека ослободителната пресуда за хрватските екс генерали е срамна, понижувачка за српскиот народ и дека ја потврдува тезата дека Хашкиот трибунал е политички суд. Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека ослободителната пресуда е „понижување за жртвите, Србите и сите оние кои веруваа во меѓународното право“.

„Неверојатно беше да се случи ова имајќи во вид дека овој суд пред неколку месеци донесе првостепена пресуда која говореше за вината, а сега се изрекува ослободителна пресуда. Можеше да се очекува да бидат неколку години помалку или нешто друго, но секако никој не можеше да очекува дека можат да добијат ослободителна пресуда“, изјави Додик за Радио телевизија Република Српска.

Хрватска ја поздрави пресудата

Хрватските власти од своја страна ја поздравија ослободителната пресуда на екс генералите пред Хашкиот трибунал, оценувајќи дека со акцијата „Бура“ биле извршени злосторства, но дека генералите се невини.

Претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ денеска изјави дека е задоволен со ослободителната пресуда, но дополни дека останува одговорноста на државата да ги истражи и казни сите злосторства без оглед на чија страна се случиле. 

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ исто така ја поздрави пресудата. Обвинетите „очигледно се невини“, изјави тој.  Нивното ослободување, според Милановиќ е „важно за Хрватска“. Истовремено премиерот изјави дека во војната биле направени „грешки“ и на хрватска страна. Но, за тоа била одговорна хрватската држава, а „не Маркач и Готовина“. Загреб бил подготвен „На оние на кои Хрватска им згрешила, да го исполни долгот на првадата. Тоа не смее да се заборави. Благодарност за Маркач и Готовина што толку сторија за Хрватска“, изјави Милановиќ.

Kroatien Ante Gotovina Freispruch Jubel in Zagreb
Во Загреб прославена пресудата од ХагФотографија: Reuters

За многумина Хрвати поранешните генерали  се’ уште се народни херои. На плоштадот во Загреб денеска изрекувањето на правдата го следеа илјадници граѓани. 

Апелациониот совет на Хашкиот трибунал денеска ги ослободи поранешните хрватски генерали Анте Готовина и Младен Маркач од вината за прогон на српското население од Книнска краина во 1995 година, поништувајќи ја првостепената пресуда со која Готовина беше осуден на 24 години затвор, додека Маркач на 18 годишна затворска казна.