1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата на Блискоисточниот квартет во Лисабон е обновување на мировниот процес

20 јули 2007

Искажана подршка за иницијативата на американскиот претседател Буш за свикување меѓународна конференција за Блискиот исток. Новиот специјален претставник на Квартетот Тони Блер со релативно тесно поставена улога.

https://p.dw.com/p/BK49
Во нова улога: поранешниот британски премиер Тони Блер е нов специјален пратеник за Блискиот истокФотографија: AP

Блискоисточниот квартет го поздрави обновувањето на билатералните разговори меѓу израелскиот премиер Олмерт и претседателот на Палестинците Абас и ги повика обете страни да ги исполнат своите обврски од мировниот план Мапа на мирот и да изградат мерки на доверба. Квартетот искажа загриженост поради хуманитарната ситуација во појасот на Газа и ја поздрави првата посета на една делегација на Арапската лига на Израел. Уште пред средбата американскиот државен секретар Кондолиза Рајс демонстративно му даде подршка на Махмуд Абас означувајќи го како “оптимален преговарачки партнер за меѓународната заедница”.

Португалскиот премиер и претседавач со Советот на ЕУ Жозе Сократеш оцени дека средбата во Лисабон е обновување на мировниот процес. Учесниците на средбата, меѓу нив и рускиот министер за надворешни работи Лавров и претставникот на ЕУ за надворешна политика Солана, ја поздравија најновата иницијатива на американскиот претседател Џорџ Буш за свикување меѓународна конференција за Блискиот исток наесен. “Една таква средба треба на вклучените страни да им даде дипломатска подршка во нивните билатерални дискусии, за да напредуваат на патот кон создавање палестинска држава” – се вели во изјавата што ја прочита генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.

Меѓународната заедница уште еднаш ја потврди определеноста за политиката која следи одамна формулирани цели – демократска држава Палестина и Израел кој ќе живее во безбедност и мир со соседите. А вистински човек, кој решавачки може да дејствува во тој процес, според Кондолиза Рајс, е новиот специјален претставник на квартетот, поранешниот британски премиер Тони Блер. “Најважна работа е така да соработувам со палестинските власти и меѓународната заедница, за да можат да бидат постигнати услови за создавање палестинска држава” – рече Блер опишувајќи ја својата нова задача.

Иако ЕУ посакуваше пошироко поставена улога на новиот специјален пратеник, очигледно е дека САД го наметнаа своето гледање тој да биде надлежен само за изградба на функционални структури на идната палестинска држава; значи, повеќе инженер, отколку архитект. Конечно и самата Кондолиза Рајс јасно стави на знаење дека Америка и натаму полага право на водечка улога во блискоисточниот мировен процес.