1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата Николиќ-Јахјага со ограничен дострел?

М.Максимовиќ/ И.Петровиќ/ бета/ Е.М.Фиданоска6 февруари 2013

Српскиот претседател Томислав Николиќ и претседателката на Косово Атифете Јахјага се среќаваат попладнево (06.02) во Брисел во функција на „нормализација на односите на Белград и Приштина“. Каков ефект ќе има средбата?

https://p.dw.com/p/17YnM
Фотографија: AP/Montage DW

Средбата во Брисел, прва од ваков вид, ќе почне прво со одвоени разговори на Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон со Николиќ и Јахјага, а потоа ќе следува заедничка, тројна средба, по што ќе биде издадено соопштение со оценка на Ештон за состанокот.

Во Брисел се нагласува дека постоечкиот дијалог на Белград и Приштина е тежок за двете страни и дека е неопходна поддршка од сите и од „највисоките нивоа на власт“. Иако во кабинетот на шефицата на европската дипломатија се нагласува дека темите на разговорите не се конкретизирани, се најавува дека Николиќ и Јахјага би можеле да „дадат поттик“ на веќе отворените прашања, како што е имплементацијата на веќе постигнатите договори, вклучувајќи ги и оние коишто се однесуваат на ситуацијата на северот на Косово. Портпаролот на Ештон, Маја Коцијанчиќ, за ДВ вели:

„Важно е да дојде до средба. Билатералната комуникација на тоа ниво се‘ уште не е дел од нормалната комуникација, а критериумите што ЕУ ги постави за Западен Балкан се добрососедски односи и регионална соработка. Затоа е ова важен дел од напорите во тој правец.“

EU-Außenbeauftragte Catherine Ashton Ivica Dacic Hashim Thaci
Ештoн на средба со премиерите Дачиќ и Тачи во октомври минатата година (архива)Фотографија: European Union

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Јелко Кацин, уште претходно оцени дека состанокот со претседателката на Косово може да биде „пресврт“ во пристапот на Николиќ кон регионалните прашања и дека ангажманот на српскиот претседател може да помогне во процесот на дијалог којшто е клучен за отворање на преговорите на Србија за членство во ЕУ.

Во Белград нема преголеми очекувања од средбата на Николиќ и Јахјага. Поранешниот државен секретар во Министерството за Косово и Метохија, Оливер Ивановиќ, за ДВ оценува:

„Таа (средбата н.з.) на симболичен начин дава поддршка на дијалогот како единствен начин за решение на отвореното прашање и укажува на тоа дека претставниците на властите во Приштина и Белград ќе се среќаваат и дека даваат целосна поддршка на она што го прават премиерите Дачиќ и Тачи. Според тоа, се работи за ограничен дострел на состанокот и тој сигурно нема поголеми претензии од тоа. Мислам дека од тој состанок нема да има ниту некои посебни последици. Постои само една добра можност, во случај на пад на владата преговорите автоматски да ги преземе претседателот во вакуумот што би настанал, затоа што предизборната кампања сигурно би го одвлекла вниманието на друга страна. А пад на валадата е можен и во Белград и во Приштина.“

Претседателката на Косово Атифете Јахјага пред да отпатува за Брисел оцени дека средбата со Николиќ ќе биде „симболична и важна и дека ќе придонесе за нормализација и унапредување на меѓусебните односи. Што се однесува до косовските медиуми, оценката на средбата во Брисел е различна. За „Зери“ средбата, според оценка на опозиционите партии и аналитичари, нема да му донесе никаква полза на Косово и организирана е повеќе за внатрешни потреби на ЕУ. Приштинскиот весник „Коха Диторе“ пак, оценува дека состанокот е само на прв поглед симболичен и дека всушност е речиси историски, затоа што е прв состанок на челниците на две држави, иако Брисел зборува за „две страни“.