1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба Вестервеле-Попоски во Берлин

Силвера Падори-Кленке24 април 2013

Германија посакува македонскиот пат во евроатланстките интеграции да продолжи - гласи кусата порака од разговорите меѓу шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле и неговиот македонски колега Никола Попоски.

https://p.dw.com/p/18Mr1
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

За да продолжи евроинтегрирањето на Македонија „во Скопје е потребен е натпартиски консензус за спроведување на внатрешните реформи“, велат за ДВ од германското Министерство за надворешни работи.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, кој денеска у утре (24/25.04) е во посета на Берлин, по разговорот со колегата Гидо Вестервеле (фото горе) за ДВ изјави: „ Берлин останува со поддршка за секоја земја која ќе ги исполни критериумите да продолжи во наредната фаза на доближување. За Македонија ситуацијата е јасна. Во нашиот сучај е исклучително важно што кај сите политички партии во Германија нема подвоеност по ова прашање. Сите сакаат да го задржат кредибилитетот на проширувањето по полноправното членство на Хрватска во ЕУ. За Македонија ситуацијата е јасна: само една земја членка на ЕУ треба да ја направи правилната одлука и да придонесе тој кредибилитет да биде задржан.“

Ерлер: Во јуни не очекувам драматични чекори за Македонија!

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски денеска водеше разговор и со Гернот Ерлер, заменик шеф на пратеничката група на опозиционите социјалдемократи во Бундестагот. Ерлер за Дојче веле изјави дека во Македонија има позитивен развој, но поради спорот со името, во јуни не очекува отворање на пристапните преговори.

„Според моите очекувања, за Македонија во јуни нема да има драматични чекори. Се знае дека без решение на спорот со името со Грција, нема шанси да се оди напред во процесот на интегрирање“, изјави за ДВ Гернот Ерлер и додаде: „Разговаравме секако за последниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, каде е наведена цела редица на позитивен развој. Министерот Попоски токму затоа и подвлече дека е потребно признавање на постигнатото. Но, независно од тоа, има цела низа проблеми кои не се решени. Се осврнавме и на спорот со името со Грција каде има придвижување и нов предлог од медијаторот Нимиц, за кој без присуство на јавноста течат советувања меѓу двете влади. Но, се знае дека без решение за името нема шанси да се оди напред во процесот на интегрирање“, оценува Ерлер, според кого добро е што тешкотиите со Бугарија се делумно надминати.

Mazedonischer Außenminister Nikola Poposki in Berlin
Никола Попоски (во средина) по разговорите со Гернот Ерлер (д.)Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

На прашањето на ДВ - дали Германија или Европа можат повеќе да влијаат врз решение на спорот околу името, Ерлер го подвлекува уште еднаш интересот на Германија за решение на спорот:

„Нема да има мешање од страна на ЕУ во деталите на спорот, но генерално од двете страни се бара да се изнајде решение, зашто никој нема интерес Македонија, која има напредок во реформите, да скршне од целокупниот процес“, вели Ерлер, според кого е многу важно во јуни да се сочува моментот на проширувањето со што ќе се врати довербата во целокупниот процес, што е во интерес и на Македонија.

Да се надмине апсурдноста

И парламентарецот Аксел Шефер (СПД) забележува дека е добро што Македонија оди во насока на ЕУ, но како што подвлече, на министерот Попоски му го пренесол и критичкото гледање на социјадемократите „кон националистичкиот развој и култот кон Александар Велики“, како и согласноста дека станува збор за ирационален спор со Грција околу името.

„Имаме апсурдна расправија. Среде Европа, на пример, има држава која се вика Луксембург, а во Белгија има регион кој го носи истото име – Луксембург. Тоа е така и точка! Од друга страна, се знае дека напредок кон ЕУ е можен само доколку сите членки на ЕУ, па и Грција, се за тоа. Тоа е предуслов, и сметам дека расправијата е поапсурдна дури и од поделбата на Кипар“, коментира за ДВ Аксел Шефер, кој е дециден дека мора да се биде внимателен кога е во прашање изнаоѓање решенија однадвор и мешање во спорот, зашто помудро е да не се делат совети доколку некој не е прашан!

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски попладнево имаше средба и со Фолкер Каудер, шеф на пратеничката група на владејачката ЦДУ, а на утрешната агенда на работната посета на Берлин стојат разговори со повеќемина парламентаци од различните пратенички групи на Бундестагот.