1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на сириската опозиција во Бугарија

Александар Андреев / Е. М. Фиданоска30 мај 2012

Претставници на сириската опозиција усвоија декларација со која го повикаа СБ на ОН да ги заштити цивилите и да стави крај на злосторствата на режимот на Асад. Историската средба се одржа во близина на Софија.

https://p.dw.com/p/154Qj
Николај Младенов, министер за надворешни работи на БугаријаФотографија: DW

Најголемиот резултат од средбата на сириските опозиционери во близина на Софија, според министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов, е големиот чекор напред во консолидирањето на опозицијата околу заедничката визија за иднината на земјата, заснована врз демократски вредности, со влада во која треба да бидат застапени сите етнички и верски заедници во Сирија. Околу плановите на сириските опозиционери, Младенов за ДВ изјави:

„За опозицијата е важно да работи на своето обединување и да ја консолидира својата визија за иднината на земјата. За нас во меѓународната заедница е важно да продолжиме со притисок врз сирискиот режим за целосно спроведување на планот на Анан - не само прекин на огнот, туку мора да бидат спроведени сите точки содржани во планот, вклучително и политичките процеси. Мислам дека една година по почетокот на настаните во Сирија, повеќе луѓе го загубија животот поради бруталноста на режимот, отколку што тоа беше во случајот на Либија. Не можеме да стоиме настрана и да набљудуваме како масакрите продолжуваат. Сите кои се вмешани мораат да сфатат дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата за она што го направиле“.

На прашањето зошто средбата на сириската опозиција е одржана токму во Бугарија, Младенов одговара:

„Врските со луѓето во Сирија се силни. Бугарите и Сиријците живееја и студираа заедно долго време, многу од нив студираа во другата земја и имаме долга историја на соработка. Сакаме не само да пружиме поддршка на оние што сакаат нова, слбоодна и демокртаска Сирија, туку и да ги споделиме со нив нашите искуства од периодот на транзиција, за да им помогнеме на нашите пријатели да напредуваат. Бугарското министерство за надворешни работи иницираше посебна Софиска платформа која треба да е мост меѓу Европа и Блискиот и Среден Исток, особено во делот на транзицијата. Соработуваме тесно со Египет, Тунис, Либија, со земји кои тргнаа по патот на демократизација“.