1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќен роденден Берлинале!

4 февруари 2010

Наредниот четврток (11.02.2010) стартува 60. Берлински филмски фестивал кој беше и остана пред се‘ празник за публиката. Во текот на фестивалот ќе бидат прикажани 392 филма од 58 земји, меѓу кои ја нема Македонија.

https://p.dw.com/p/Lsdz
Фотографија: picture alliance / dpa

Пред шест децении, крај урнатините во градот-феномен, на првото Берлинале пристигнаа актери и режисери од 36 земји. За автограм од тогашната холивудска ѕвезда Гари Купер имаше вистински тепачки... Во изминативе шест децении многу работи се сменија. За овие промени што сега се дел од историјата на Берлиналето кое годинава го слави 60-от роденден, највпечатливо говорат сликите и програмата на Фестивалот кој стартува наредниот четврток, а за кој првиот човек Дитер Кослик потсетува: „Дури во 1956 година Берлиналето го доби таканаречениот „А“ статус - од фестивал за публиката прерасна во натпреварувачки. Немаше црвени теписи. Се‘ се случуваше на Курфурстендам. Градот беше се‘ уште во урнатини и тоа убаво се гледа во сликите од Моментите на Берлиналето.

Flash-Galerie Berlinale Filmfestspiele Palast am Potsdamer Platz 2006
На црвениот тепих пред палатата на Берлиналето и годинава ќе се прошета дел од ХоливудФотографија: AP

Главна филмска тема: семејството

Фестивалот, и покрај годините и промените во светот, го задржа имиџот на место каде се презентираат уметничките погледи кон политиката и секојдневието. Но, остана и она што го прави уникатно - Берлиналето беше, е и ќе биде фестивал за публиката. Овој ракопис на Берлиналето во блиц-документарците во само неколку минути преку одбрани кадри годинава ќе го отсликаат Ален Делон, Федерико Фелини, Рајнер Фасбиндер, Џек Николсон, Ричард Гир. Овие кратки филмови и многу изненадувања ќе ги придружуваат проекциите на 392-та филма од 58 земји со кои 11 дена ќе живее германската престолнина.

Deutschland Film Berlinale Filmfestspiele Dieter Kosslick
Црвениот шал на Берлиналето задолжителен дел од гардеробара на Дитер КосликФотографија: AP

Околу фокусот на годинешново Берлинале, Кослик најави: „Речиси половината од филмовите за тема го имаат семејството. Дури и кога е дисфункционално, и кога семејтвото се распаѓа, кога ни децата, па ни родитрелите не можат да живеат според општествените норми, семејството е тоа кон кое се враќаат. Зашто, тоа е послеdниот извор на сила во ова постиндустриско општество. Белег на темата уште на стартот ќе даде последното остварување на кинескиот режисер Ванг Ќуанан „Разделени заедно". Тој и е стар познаник на берлинската публика - во 2007 ја доби Златната мечка за филмот „Бракот на Туја". Потоа тука е и данскиот филм „Семејство” на Перниле Фишер Кристенсен. Главната конкуренција финишира со уште еден филм за семејството - јапонскиот „За нејзиниот брат” на Јоји Јамада.

Присутни врвни режисери

Од докажаните имиња на режијата би ги споменале Роман Полански кој го претставува „Фантомскиот писател”, потоа Мајкл Винтерботом со „Убиецот во мене” , но тука е и Јасмила Жбаник со филмот „На пат” , копродукција на Босна и Херцеговина, Австрија, Германија и Хрватска.

Во главната програма се и турко-германската копродукција „Мед” на Семих Капланоглу, но и германско-иранската компродукција „Ловецот” на Рафи Питс. Германски производ е и дебито „Шахада” на Бурхан Курбани за приказната за младиот муслиман и месецот на постот Рамазан, а на одличјата атакуваат и две германско- австриски компродукции - „Крадец” на Бенџамин Хајсенберг и „Јуд Зус – Филм без совест” на Оскар Релер.

Regisseur Roman Polanski Flash Format
Во трката по Златната мечка е и „Фантомскиот писател“ на Роман ПоланскиФотографија: AP

Македонија повторно без филм

На Берлиналето и годинава нема македонски филм, дури ниту на Европскиот филмски пазар каде лани се претстави „Плати и жени” на Атанас Георгиев. Обид за влез во конкуренцијата додуша направија Марија Џиџева со „Замена” од омнибусот „Некои други времиња”, потоа Гоце Цветанов со „Вистинската приказна за Хензел и Гретел”, Митко Панов со „Војната заврши ” и Иван Ивановски со „Внатре”. За жал сите останаа надвор од Фестивалот.

За разлика од пред шест децении, кога наместо црвени теписи ѕвездите од Холивуд газеа по урнатини, на роденденското издание на Берлиналето се чекаат многу гости кои директорот Дитер Кослик набрзина ги наброја пред да ја пресече големата црвена роденденска торта.

„Доаѓаат Сибел Кекили, Џеки Чен, Бен Стилер, Леонардо ди Каприо, Бен Кингсли, Шах Рух Кан, Жерар Депардје, Амир Кан..."

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска