1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќен роденден, вокмен!

1 јули 2009

МП3 плеери, современи мобилни, ај-под уреди, денес им овозможуваат на младите да уживаат во музика во секое време. Но, дали се сеќавате на касетите и слушалките со сунѓерчиња? Вокменот го слави својот 30-ти роденден.

https://p.dw.com/p/IevN
Фотографија: picture alliance/dpa

Пред триесет години „Сони“ го произведе првиот вокмен, уред кој од корен го промени начинот на кој луѓето слушаат музика насекаде во светот. Но иконата на дигиталната ера, наречена ај-под, веќе успеа да го претрка стариот добар вокмен. Претставувањето на портабл касетофонот на 1 јули 1979 година, помогна јапонската компанија да се трансформира во глобален центар за електроника. „Сони“ продаде 30 илјади вокмени во првите два месеца откако излезе на пазарот и 50 милиони во првата деценија. 30 години потоа, „Сони“ се бори против ривалите како „Епл“, кој доживеа невиден успех со својот ај-под музички плеер.

Дизајните се цртаа рачно

Sony Walkman von 2005
Вокмен на „Сони“ од 2005 годинаФотографија: AP

Времињата се променија откако инженерот на „Сони“, Нобутоши Кихара рачно ги скицираше дизајните за вокменот: „Порано моравме дизајните за производите да ги цртаме рачно. Ќе ги затворев очите и ги замислував нашите производи. Ќе замислев луѓе кои трчаат со вокмен за да видам како треба да се движат зглобовите на уредот или како производите би се вклопиле во животот на корисниците."

Неговиот колега и сопронаоѓач од концернот „Сони“, Масару Ибука, дојде до идејата за вокменот за време на едно од неговите патувања, кога слушал музика на некој од постоечките портабл касетофони. Тие биле премногу тешки за да се сметаат за навистина преносливи. Првичната реакција на вокменот беше негативна. Многу трговци сметаа дека касетофонот без механизам за снимање има мали шанси за успех.

Тоа се промени и денес вкупната продажба на вокмените достигна 385 милиони насекаде во светот, вклучувајќи ги и новите дигитални модели кои користат флеш меморија.

Супермен + Пресмен = Вокмен

„Сони“ вели дека го избрале името вокмен, делумно поради популарноста на супермен во тоа време и поради фактот што новиот апарат бил базиран врз постоечки аудио рекордер наречен „Пресмен“. Првично планирале машината да ја наречат „Саундабаут“ во САД и „Стоуавеј“ во Британија, но се предомислиле откако разбрале дека децата во Европа веќе бараат нивните родители да им купат вокмен. Името вокмен остана и во 1986 година беше вклучено во оксфордскиот речник.

Kassette
Старите добри касети

ББС го замоли 13-годишниот Скот Кембел за една недела да го замени неговиот епл уред со старомодниот вокмен. Тој вели дека неговите другари не можеле да замислат како нивните родители ја користеле оваа „монструозна“ кутија. На Скот му требале три дена за да сфати дека постоела и друга страна на касетата.

Сепак, iPod уредите се најбрзо продавани

Во изминатите години „Сони“ се обиде да го редизајнира вокменот во нови верзии, но сепак падна пред сериозниот предизвик што дојде од коценрот „Епл“, кој продаде 100 милиони ај-под уреди за помалку од 6 години откако се појави на пазарот, со што стана најбрзо продаван музички плеер во историјата. До денес, продажбите надминаа 200 милиони.

„Сони“ се надева дека новите touch screen X серии ќе ја оживеат продажбата на овој уред.

Автор: АА/ ЖА / афп

Редактор: Жана Ацеска