1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќно реми на Германците против Холандија

18 август 2005

Германската фудбалска репрезентација синоќа во Ротердам во пријателски натпревар одигра нерешено 2 спрема 2 со домаќинот Холандија и може да биде задоволна од исходот. Синоќа се одиграа и повеќе други пријателски натпревари, но и средби од квалификациите за светското првенство во Германија 2006-та година.

https://p.dw.com/p/Aekd

Германија и натаму останува без победа во дуел против другите фудбалски великани, но и непоразена исто така, иако синоќа беше на прагот на пораз, кој можеше дури да биде и убедлив. Холанѓаните поведоа со 2 спрема 0 со головите на младиот Арјен Ројбен во 3-тата минута од првото и веќе во првата минута од второто полувреме. Ројбен, нерешливата ѕагатка за одбраната на германскиот тим создаде уште една стопроцентна шанса, таква можност не искористи ни ван Нистелрој, а и Макај беше во ситуација да го совлада Оливер Кан. Германија намали во 49-тата минута преку Михаел Балак, а Гералд Асамоа во 80-тата минута од соло акција го израмни резултатот. „Кога имаш водство од 2 спрема 0, не смееш да и’ дозволиш на Германија да се врати во игра. Ние тоа го сторивме при голот на Балак, со една мала грешка, како што беше и при вториот гол на Германија. Имавме шанси уште во првото, а и во второто полувреме да го решиме натпреварот и оттука нерешениот резултат е разочарувачки“ - оцени Холанѓанецот Рој Макај.

Со нерешениот резултат, напротив, е задоволни германскиот голман Оливер Кан: „Во првиот дел имавме премногу респект за Холанѓаните, премногу страв, не покажавме агресивност. Но, во вториот дел докажавме висок морал“.

Селекторот Јирген Клинсман се реши овој пат предност да им даде на постарите играчи и да ги одмори помладите, но се покажа дека е сосем на место неговата ориентација на подмладување – овој состав во големи делови од играта делуваше неубедливо. Клинсман наоѓа оправдување: „Натпреварот за нас дојде прерано. Играчите од Бундеслигата се’ уште не се во вистинска форма, тие допрва почнуваат да влегуваат во форма, што и се виде. Поради тоа и не можеше да има нормален премин со оглед на начинот и еланот од настапите на Конфедерејшн-купот. Тоа ни беше и јасно и оттука и’ искажувам комплимент на екипата за моралот, борбеноста и ангажманот. На играчки план недвосмислено имавме дефицити. Сега вистински почнува сезоната што ќе кулминира со светското првенство и мислам дека ние ќе бидеме од натпревар во натпревар се’ подобри“ – изјави селекторот Клинсман.

Во квалификациите за светското првенство Македонија по поразот во Скопје од Финска со 3 спрема 0 останува закована на петтото место во првата група. Русија одигра само 1 спрема 1 на гости кај Летонија и и натаму во релативно лесната трета група стравува околу пласманот на светското првенство.

Во пријателски натпревари Хрватска и Бразил во Сплит одигра нерешено 1 спрема 1. Англија доживеа тежок пораз од 4 спрема 1 против Данска во Копенхаген, а Зинедин Зидан враќањето во репрезентацијата на Франција го одбележа и со еден постигнат гол на средбата против Брегот на слоновата коска, која заврши со 3 спрема 0. Италија во Даблин го совлада домаќинот Ирска со 2 спрема 1. Во соседскиот дуел во Софија Бугарија подобра од Турција – 3 спрема 1. Европскиот првак Грција е поразен во Брисел од Белгија со 2 спрема 0, а Унгарија предводена од Лотар Матеус како селектор во Будимпешта загуби од Аргентина со 2 спрема 1.

Украина забележа победа над Србија и Црна Гора со 2 спрема 1, а Шведска со истиот резултат ја совлада Чешка.