1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српскиот државен врв во непрекинато заседавање за Косово

ЕМФ/бета/дв6 април 2013

Консултациите на српскиот државен врв околу предлог - решенијата за Косово траат непрекинато и така ќе биде во текот на целиот викенд, јавува агенцијата Бета, повикувајќи се на извори во Владата на Србија.

https://p.dw.com/p/18Axm
Фотографија: AP

Агенцијата Бета, повикувајќи се на свој извор, јавува дека засега не е закажана вонредна седница на Владата на која министрите би можеле да се изјаснат за понуденото решение. Српскиот премиер Ивица Дачиќ (на фотографијата горе) вчера, на седница на Владата, ги известил министрите за текот на преговорите во Брисел, но на таа седница не е донесена одлука.

Потпретседателот на српската Влада, Расим Љајиќ, денеска изјави дека владејачката коалиција е согласна во оценката дека планот за Косово којшто на Србија и‘ е понуден во Брисел е незадоволителен и дека ако тој биде прифатен, тоа ќе биде затоа што сите останати алтернативи се уште полоши и понеприфатливи. Љајиќ во изјава за агенцијата Бета нагласи дека Србија треба да води сметка за чувањето на внатрешната политичка стабилност и да го продолжи патот на европско интегрирање.

Според Љајиќ, доколку Србија не го прифати планот од Брисел, ќе влезе во период на несигурност, неизвесност и ќе доцни барем две години во европските интеграции. Потпретседателот на српската Вада напоменува дека паралелно со консултациите во српскиот државен врв траат и дипломатските активности, а се бараат и јасни гаранции дека Србија, доколку се согласи со планот, во јуни сигурно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

Serbien Minister Rasim Ljajic ARCHIVBILD
Расим Љајиќ, потпретседател на Владата на СрбијаФотографија: picture-alliance/dpa

Љајиќ порачува дека треба да се води сметка за тоа што би се случило за три или четири години доколку Србија сега одбие се‘. „Ова историско НЕ да не стане за 3-4 години историско ДА, само што се загубиле три до четири години“, предупредува Љајиќ.

Белград и Приштина имаат рок до 9 април да се изјаснат за решенијата за Косово. На последната рунда од дијалогот во Брисел немаше договор. Белград останува на ставот дека прашањата „кој ги чува, брани, тужи, суди, лекува и школува Србите“, се приоритетна надлежност за заедницата на српските општини на Косово. Приштина повторува дека на таа заедница не и‘ допушта извршни и законодавни функции.