1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стагнацијата во Германија е надмината

1 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AeSN
Многумина сеуште и не забележале, но вистина е и, според Сојузниот завод за статистика може да се измери - економскиот полет е тука! Тоа е последица на тенденцијата на закрепнување на светската економија, но и на реформската политика на германската влада. Стагнацијата во Германија е надмината од третиот квартал на 2003 година. Вкупниот стопански учинок повторно расте, додуша сеуште воздржано, но се менува. Прогнозите за 2004-та се се' подобри. За само неколку недели, очекувањата на економските научници и на стопанските здруженија се зголемија и наместо 1,5% екномски пораст, за оваа година се предвидуваат 2%. И при пораст од 2% не може да се говори за вистински полет, зашто пред се' стапката на вработување лежи под очекуваното, но зошто во оваа година не би одело уште повеќе напред? Германската конјуктура во догледно време ќе биде зависна од два фактори: од натамошниот полет на светската економија, и од натамошната подготвеност на реформи и способност за реформи на владата и парламентот, претпријатијата и работниците. Извозот е тој што стави крај на германската економска слабост. Но, некои работи говорат и во прилог на тоа дека расте и внатрешната побарувачка. Тоа се однесува како на приватната потрошувачка, која во Германија определува половина од бруто домашниот производ, така и на инвестициите. Ваквото расветлување на хоризонтот би требало и натаму да се подобрува и да го опфати и приватното консумирање. Германската влада го донесе најголемиот социјално-политички реформски пакет од постоењето на сојузната република и, помало од планираното, но сепак значајно даночно олеснување. Тоа значи - полетот се поттикнува како од условите на светската економија, така и од страна на политиката. Се разбира и овде важи она дека нема работи што не можат да се подобрат. Сега реформската волја на владата и опозицијата не смее да попушти, туку политичките рамковни услови треба да се подобруваат и натаму. Тоа важи на особен начин за предвидената даночна реформа, но и за натамошните реформи во социјалната сфера. Германското даночно право има потреба од натамошно поедноставување. Освен тоа, во економијата треба да се укинат регулативите кои се пречка, како што се субвенциите, кои повеќе ја спречуваат отколку што ја поттикнуваат модернизацијата на стопанството. Во земјава за жал, промените сеуште се гледаат повеќе како опасност отколку како шанса. Подготвеноста за промени е основа за динамичен економски развој. Со реформските закони комбинирани со намалување на даноците, владата направи важен чекор. Потребно е по него да следат и други.