1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стандардот „Халал“: прашање на доверба

14 ноември 2010

Халал-продуктите, произведени според исламски прописи, имаат удел од една петтина во целокупниот приход на светската прехранбена индустрија. Пазарот на овие производи доживува подем и во Германија.

https://p.dw.com/p/Q4uI
Турска локална продавницаФотографија: picture-alliance/ dpa

Во светот живеат околу 1,6 милиони муслимани. Мнозинството од нив се хранат согласно начелата на исламот, односно купуваат прехранбени производи кои носат знак на стандардот „Халал“. Пазарот на халал-производи доживува енормен подем и во Германија. Германските претпријатија би можеле да заработат околу пет милијарди евра преку продажба на халал-продукти. Ваквите проценки не треба да изненадуваат со оглед на големата куповна моќ на повеќе од четири милиони муслимани во земјата. Сепак, германските концерни заостануваат далеку зад нивните конкуренти во светски рамки, вели Ања Шлие од германско-турскиот Форум за прехранбени производи:

„Германските претпријатија многу подоцна ја сфатија важноста на стандардот „Халал“ и дури допрва ќе добие на значење. Германија, во тој поглед, е далеку зад Франција, Холандија и Велика Британија.“

Големиот економски потенцијал на продуктите произведени според начелата на Коранот го препознаа само големите интернационални компании кои се веќе подолго време присутни во исламските земји. Пионер во халал-бизнисот е компанијата „Нестле“. Продажбата на халал-производи има удел од 5% во севкупниот профит на швајцарската компанија. Позитивниот тренд се одрази и врз преставништвото на компанијата во Германија, вели Серен Пинков, задолжен за односи со јавноста од „Нестле Германија“:

Nestle
Швајцарската компанија „Нестле“ одамна го препозна потенцијалот на халал-производитеФотографија: AP

„Во Германија почнавме да нудиме халал-продукти од септември 2010 година. Едноставно се уверивме дека муслиманите се прилично голема група и имаат огромна потрошувачка моќ.“

Додека компаниите во другите европски земји се натпреваруваат кој да ги придобие муштериите со муслиманска вероисповед, германската прехранбена индустрија и малопродажбата и натаму со недоверба гледаат кон халал-производството. Ања Шлие вели дека претпријатијата се плашат да не му наштетат на сопствениот углед доколку почнат со производство на халал-продукти.

„Претставници на многу компании ни се доверија дека често добиваат писма од германски и немуслимански потрошувачи во кои наведуваат дека се чувствуваат како под закана. Од друга страна, компаниите кои произведуваат според стандардот „Халал“ не комуницираат отворено со германската јавност. Од таму велат дека не мора по секоја цена да бидат познати по халал-производството и дека не сакаат да се фалат.“

Halal Fastfood
Халал-продуктите не се секогаш јасно означениФотографија: picture alliance / dpa

На полиците низ големите супермаркети во Германија има колу 4000 халал-продукти. Голем број од нив не се јасно означени и затоа многу муслимани тешко може да ги препознаат. Јавуз Езогуз, директор на Дирекцијата за сертифицирање според стандардот „Халал“, вели дека моменталната состојба во Германија мора да се промени:

„Доколку отидете во некој супермаркет во Франција, ќе најдете цела полица со различни халал-продукти. Теоретски, истото е изводливо и во Германија.“

Во меѓувреме се отворија повеќе помали турски и арапски маркети коишто увезуваат халал-производи директно од исламските земји. Дали жителите со муслиманска вероисповед би купувале халал-производи во големите синџири на супермаркети? Ања Шлие смета дека за тоа ќе треба повеќе време.

„Бидејќи е прашање на доверба, муслиманскиот муштерија би можел да се сомнева во сигурноста на производите кои би се нашле во понудата на германските супермаркети, па дури и ако продуктот има јасна халал-ознака.“

Автор: Николас Мартин / Далибор Стајиќ

Редактор: Симе Недевски