1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Стандард и Пурс“ го намали бонитетот на девет европски земји

14 јануари 2012

Американската рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ го намали бонитетот на девет европски земји. Европските политичари оценуваат дека оваа одлука е „неконсеквентна“.

https://p.dw.com/p/13jcl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓународната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ ги намали кредитниот рејтинг на Франција и на Австрија од највисокото ниво „ААА“ на „АА +“. Исто така за еден степен подолу е рангиран бонитетот на Малта, Словачка и Словенија.

Од намалување на бонитетот за два степени се погодени Италија, Шпанија, Португалија и Кипар.

Германија го задржа најдобриот рејнтинг на бонитетот, „тројно А“.

Објаснувајќи ја својата одлука, агенцијата наведува дека властите во еврозоната и во Европската унија во целост не преземале доволно мерки за решавање на должничката криза во еврозоната.

Понизок бонитет -  поскапи пари

Европскиот комесар за монетарна политика Оли Рен изрази разочарарување од одлуката на агенцијата „Стандард и Пурс“ и оцени дека намалувањето на бонитетот е „неконсеквентно“. Претседателот на Еврогрупата Жан Клод Јункер изјави дека државите на еврозоната веќе воведоа обемни мерки да ги смират финансиските пазари. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека одлуката на рејтинг агенцијата не е целосно изненадување. Секако дека постои нестабилност во еврозоната, но сега важи девизата-постепено враќање на довербата на пазарите. Поважно од дневните импулси на пазарите е среднорочна заедничка политика, смета Шојбле.

Со намалувањето на бонитетот за европските земји ќе биде поскапо да добиваат пари на пазарите на капитал. Ова би можело да има последици и врз европскиот спасувачки фонд ЕФСФ, затоа што Франција, покрај Германија е еден од главните донатори.

Агенцијата „Стандард и Пурс“ во декември ги стави на разгледување поради можното намалување 15 од вкупно 17 земји од еврозоната, вклучувајќи ги и земјите со највисоки рејтинзи „ААА“, како што се Германија, Франција, Австрија, Луксембург, Холандија и Финска.

Автор: АТ/ дв/ дапд/ макфакс

Редактор: Жана Ацеска