1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартуваа владините мерки за заштита од загадувањето

СН/бг/миа/макфакс18 декември 2013

По повеќедневно континуирано загадување на воздухот во земјата, македонската влада усвои серија мерки за заштита на граѓаните во погодените региони. Мерките стапија во сила денеска и ќе бидат во важност до сабота.

https://p.dw.com/p/1Abnb
Фотографија: DW

Согласно мерките за заштите од загадувањето чија примена започн, бремените жени и лицата над 60 години во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион, од денеска (18.12) до сабота 21 декември ќе бидат ослободени од работа заради зголеменото загадување на воздухот.

Ваква мерка донесе Владата на седница одржана вчера по неколкудневното континуирано загадување на воздухот.

Се препорачува работниците кои работат на отворено тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на испуштањето на штетните честички во воздухот.

Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено.

Ова е обврска и се однесува и за државниот и за приватниот сектор,истакна вчера портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев, кој заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ги соопшти владините мерки.

Министерот Адеми пак апелираше до граѓаните да користат јавен превоз но истакна дека евентуална забрана за возење автомобили нема да дава ефекти.

Ѓоргиев и Адеми информираа дека Владата може повторно да има седница во сабота, кога се очекува новата проценка на Управата за хидрометеоролошки состојби за временската состојба во земјата и ќе се разгледа повторно состојбата со загадувањето во Скопје, но и во другите делови од земјата.