1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СТАРТ за намалување на атомското оружје

8 април 2010

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев денеска во Прага го потпишаа новиот „историски“ Договор за намалување на нуклеарното вооружување.

https://p.dw.com/p/MqKP
Американскиот и рускиот претседателФотографија: AP

Историски чекор, важен за целиот свет во процесот на разоружувањето и спречување на ширењето на нуклеарното вооружување, оценија во Прага по денешното потпишување на новиот договор за намалување на нуклеарното вооружување американскиот и рускиот претседател Барак Обама и Дмитриј Медведев.

„Пред една година од истото ова место говорев за мојата визија за свет без нуклеарно оружје. Знам дека тоа е долгоречен процес, но верувам дека следејќи ја оваа цел ќе се придвижиме од менталитетот на Студената војна, ќе го засилиме глобалниот режим за неширење на нуклеарно оружје што ќе ги направи САД и светот побезбедни. САД и Русија се во коалицијата која настојува тој што не ги почитува правилата да сноси последици,“ истакна Обама по потпишувањето на новиот Договор СТАРТ во прашкиот замок Храдчани.

Tschechien USA Russland Obama und Medwedew Unterzeichnung START-Abkommen Flash-Galerie
Обама и Медведев го потпишаа договорот во ПрагаФотографија: AP

Неговиот руски колега Дмитриј Медведeв од своја страна подвлече: „Овој договор претставува многу важен документ во процесот на разоружување, во процес за неширање на нуклеарното оружје и тој може да живее и функционира само во случај да не дојде до прилично зголемување на системот за противракетна одбрана, што може да доведе до загрозување на руските стратегиски сили.“

Порака до Иран

Двајцата претседатели кои претходно одржаа повеќе од едночасовна средба, со порака и до Иран кој е под меѓународен притисок поради неговата нуклеарна програма: „Се разбира, ние ќе дејствуваме и со дипломатски процеси, во врска со иранската нуклеарна програма. За жал, Техеран не реагира на многу компромиси кои му се нудат. Пред тоа не може да се затвораат очите и не треба да се исклучи дека Советот за безбедност на ОН ќе мора ова прашање повторно да го разгледа. Санкциите сами по себе многу ретко даваат резултат, но некогаш не може да се одбегнат,“ рече Медведев.

START-Abkommen
ПрагаФотографија: AP

Додека Обама порача: „Што се однесува до Иран ние сме подготвени да работиме низ дипломатски канали за решение на проблемот. Нашиот интерес за Иран или Северна Кореја или почитувањето на Договорот од која било друга земја, не е врз база на изолирање на една земја, туку праќа сигнал дека секоја земја има обврска да ги почитува меѓународните правила за да обезбедиме побезбедна иднина за нашите деца и внуци.“

Инаку, новиот Договор СТАРТ предвидува намалување на нивото на нуклеарни боеви глави за околу една третина, односно двете земји ќе имаат можност да располагаат со лимитот од околу 1.500 боеви глави. Тој треба да биде ратификуван од американскиот Сенат и руската Дума, а практично го заменува претходниот Договор, чија важност истече на почекот од декември минатата година. На денешното потпишување му претходеа едногодишни преговори меѓу Русија и Соединетите Држави.

Медведев ја завршува посетата на Прага денеска, а американскиот претседател Обама ја продолжува посетата со вечерашната средба со лидерите од 11-те земји од Средна и Источна Европа, плус Хрватска. На состанокот се гледа како на чин во кој американскиот претседател сака да ги увери земјите од регионот, дека новиот договор со Русија не значи ослабнување на американските врски со нив.

Автор: Теодора Давчевска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема