1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Статусот на Косово клучен безбедносен предизвик за Србија

Александар Методијев/бета/танјуг27 јануари 2013

Советникот на претседателот на Србија Марко Ѓуриќ и на косовската претседателка, Рамуш Тахири, се согласни дека е можно да се дојде до компромисно решение за прашањето на Косово.

https://p.dw.com/p/17SOC
Фотографија: picture-alliance/dpa

За да се случи тоа, советниците на двајцата претседатели сметаат дека е неопходна директна комуникација меѓу Белград и Приштина.

„Нашата страна е отворена и амбицијата на денешната генерација политичари во Белград е да се дојде до компромисно решение. За да го постигнеме тоа неопходна е директна комуникација во што направивме значаен чекор напред во минатите неколку месеци“, изјави советникот на претседателот Томислав Николиќ за радио Слободна Европа.

Уверен во наоѓањето на компромисно решение е и советникот на Атифете Јахјага.

„Главната маана на српската платформа е тоа што на Косово не гледа како на заедница на народи и народности, туку само низ призмата на српскиот етнички елемент на Косово. Таа бара заедница само за српските општини. Ние на Косово имаме и заедница на Бошњаците, Турците и од други националности“, рече Тахири.

Тој потсети дека Косово е признаено од стотина земји членки на ОН, но во исто време нагласи дека Приштина знае оти без препорака на Советот за безбедност Косово не може да добие место во ОН.

Ramush Tahiri
Рамуш ТахириФотографија: DW

„На тоа се противат Русија и Кина. Според тоа, дали Косово ќе добие столица во ОН не зависи од Србија, туку од Советот за безбедност. Дури и да имаме билатерални односи со Србија, нашето место во ОН не е сигурно“, рече Тахири.

Додека политичарите се обидуваат да ги затоплат односите меѓу Белград и Приштина, безбедносната ситуацијата на терен, на југот од Србија, останува чувствителна. Таква оценка денеска даде началникот на Генералштабот на војската на Србија.

„Сведоци сме дека за помалку од половина година се извршени три напади од просторот на Косово и Метохија на контролно-безбедносниот пункт на полицијата кај селото Добросин. Ние професионално ги извршуваме своите задачи и имаме способност да ја обезбедиме безбедноста на граѓаните на Србија во сите можни сценарија“, изјави генерал потполковникот Љубиша Диковиќ за денешен новосадски Дневник.

Според неговите зборови, прашањето за статусот и актуелната ситуација на Косово се клучен безбедносен предизвик за Србија.

„Сведоци сме на големи напори кои претседателот и владата ги вложуваат во решавањето на ова прашање, но ситуацијата може значително да биде нарушена ако другата страна не биде конструктивна и продолжи со политиката на еднострани акции“, нагласи Диковиќ.