1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Степен на корупција-извештај на Транспаренси интернешнл

Горан Петрески24 септември 2008

Статистички Македонија оствари скок од 12 места на листата на Транспаренси интернешнл. Владата тоа го гледа како успех. Невладините организации пак зборуваат за релативен или незначаен напредок.

https://p.dw.com/p/FNul
Транспаренси интернешнл

Македонија е на 72 место во светот според степенот на корупција покажува истражувањето на Транспаренси интернешнл кое опфаќа 180 држави. Тоа е за 12 места подобра позиција во споредба со минатата година. Според премиерот Никола Груевски скокот на листата е успех што е резултат на двегодишната работа на неговата влада.

Вели дека кога дошол на власт во 2006 година, Македонија според степенот на коруција била рангирана меѓу земјите од Африка, а сега се наоѓа меѓу земји од Европската унија. „Од 105-то место кое Република Македонија пред две години го делеше со Свазиленд во времето на владеењето на минатата Влада, сега Македонија се наоѓа на 72 место, каде е на исто рамниште со некои европски држави, а убедливо пред земјите од регионот како Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, некои од нив земји членка на НАТО.“ изјави Груевски.

Како добар сигнал и како поттик за доплинителен ангажман во справувањето со корупцијата вчера објавениот извештај на Транспаренси интернешнл го смета и претседателката на државната антикорупциска комисија Мирјана Димовска.

Релативен напредок

За шефицата на невладината Транспарентност нулта корупција Слаѓана Тасева, непредокот нотиран во извештајот е релативен. „Република Македонија покажа одреден напредок кој што можеби изгледа висок ако ги гледаме само местата за кои сме отишле погоре на листата, но напредокот е релативен ако се знае дека е само за 0,3 индексни поени.“ вели Тасева.

Најостар во оценката е Сашо Ордановски од Транспарентност Македонија. За него напредокот е назначителен и покажува дека земјата не може да се справи со корупцијата.

Годинава Македонија е рангирана во група со Кина, Мексико, Перу, Суринам, Свазиленд, Бугарија. Од земјите во регионот подобро пласирани од Македонија се Словенија, Грција, Турција, Хрватска и Романија, а поголема корупција е измерена во Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.