1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стереотипи за исламот во европските учебници

2 октомври 2010

Реномираниот експерт за веронаука Гердиен Јонкер го критикува стереотипното претставување на муслиманите во европските учебници. Таа се обидува нешто да промени преку проектот „1001 идеја“.

https://p.dw.com/p/PS8h
Веб-страницата на проектот „1001 идеја“Фотографија: Georg-Eckert-Institut

„1001 идеја“ е проект на Институтот Георг-Екер од Брауншвајг, во кој соработуваа над 60 стручњаци, собирајќи материјал од различни области - историја, култура на младите, религија, соживот и спорт од сите делови во светот. Добиените информации треба да помогнат за тоа - во наставата за муслиманската култура и историја во училиштата, во различни класови да добие пристап и поинаквиот поглед на темите.

Раководител на проектот е експертот за наука на религиите, Холанѓанката Гердиен Јонкер:

„Намерата ни‘ е да им укажеме на младите дека нивните врсници на другата страна на светот ги имаат истите секојдневни проблеми како и тие. Дека овдешните и тамошните уметници можат да разменуваат искуства. Кога во своите класови ќе дојдат во контакт со ученици од други школски системи, на пример арапскиот, сакаме на наставниците и професорите да им понудиме предзнаења за да можат да одговорат на очекувањата на децата и родителите.“

Срамен пристап кон темата „ислам“

Институтот веќе соработува со факултетите низ цела Европа, како и со семинарите за натамошна обука на професорите и наставниците. Интернет понудата е на англиски и германски јазик. Реакциите на професорите се позитивни, тврди Јонкер. Поголемиот дел од нив е благодарен за ваквата помош. Темата „ислам“ во досегашните наставни програми во европските земји е страшно запоставена, и тоа уште од 17 век:

„Тогаш се‘ уште стануваше збор за христијанската приказна, христијаните правеле тоа и тоа, и тука беше границата. Исламот не беше нешто наше, тој беше третиран преку неговото распространување, нападот врз Европа и во контекст на крстоносните војни, значи, пораката беше - мораме да се браниме.“

Islam Religionsunterricht, Deutsche Islam-Konferenz
Наставниците имаат потреба од помош за темата исламска религијаФотографија: AP

Во 19 век на крстоносните војни им биле посветени по 60, 70 страници во учебниците со што било засилено, или создадено чувството за загрозеност од исламот. Во меѓувреме, темата е квантитативно редуцирана, но основниот тон останува. Доселувањето на муслиманските гастарбајтери и терористичките напади од 11 септември одново го засилија чувството на закана. Во одделни точки има вистина, смета Јонкер:

„Но, во учебниците на само неколку страници да се стави она што треба да значи целото знаење за муслиманите, според нас е катастрофално. Тоа не е начин на однесување кон другите луѓе, иако е точно дека постојат повеќе вистини.“

Професорите се задоволни

Професорите се во незавидна положба поради недостатоците и недоволниот третман на темата „ислам“ во учебниците, па намерата на проектот „1001 идеја“ е да им се помогне. Нема податоци за одзивот кај учениците. Но, нема сомнеж дека и кај учениците ќе биде поттикнато меѓусебно разбирање кога ќе сознаат дека и покрај разликите, имаат и многу заеднички нешта. На пример, дека и Либанците, исто како и Германците, избираат супер звезда преку телевизиско шоу.

Aвтор: Петер Филип / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска