1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стереотипи за исламот

25 октомври 2010

Денес (25.10.) во Берлин започнува конференцијата за улогата на медиумите во дијалогот меѓу Европа и исламскиот свет. Таа е во организација на германското министерство за надворешни работи и Дојче веле.

https://p.dw.com/p/PnLF
Медиумите имаат големо влијание во дијалогот помеѓу Западот и исламскиот светФотографија: AP Graphics/DW

„Колку е опасен исламот?“, гласеше насловната страница која неодамна ја објави магазинот „Штерн“. Кога станува збор за исламот, овој тип натписи во германскиот печат не се реткост. Неделникот „Шпигел“, пак, пишува за Германија како Мека и предвидува тивка исламизација на земјата.

Искривена слика за исламот

Global Media Forum Workshop Terroristen im Netz Oliver Hahn
Професорот по новинарство Оливер ХанФотографија: DW

Ваквите наслови создаваат впечаток дека многу германски медиуми прикажуваат искривена слика за исламот. Во многу написи се објавуваат изјави за тоа дека муслиманите треба да се интегрираат. Притоа, повеќе медиуми сметаат дека препрека на патот кон интеграција претставува наводниот афинитет на муслиманската религија кон екстремизам. Но, професорот по новинарство Оливер Хан, од градот Изерлон, смета дека сепак не може да се зборува за планирана медиумска кампања против исламот:

„Значи, во принцип не би рекол дека станува збор за хајка против исламот, при што сепак исламот се стигматизира, оти чести се тврдењата дека тој има врска со тероризмот. Но, тоа многу често се случува поради незнаење.“

Негативни стереотипи во медиумите

Nahost Berichterstattung Symbole
СиЕнЕн, БиБиСи и Ал Џазира на англиски јазик пренесуваат слични извештаи за исламотФотографија: AP / Montage DW

Извештајот на Европската служба за набљудување на расизмот и нетрпеливоста (ЕУЦМ) покажува слични резултати. Во студијата е наведено дека муслиманите во Европа често се жртви на негативни стереотипи во медиумите. Но, тоа не е проблем само во Европа. Експертот за медиуми Сузан Шенк од Техничкиот универзитет во Дрезден се занимаваше со истражување на претставата за исламот што ја создава телевизијата. За таа цел, таа анализираше 707 информативни емисии на различни медиуми:

„Западните медиуми, притоа пред се‘ мислам на СиЕнЕн и БиБиСи, во основа имаат слична слика за исламот. Ал Џазира на англиски јазик се надоврзува на оваа слика и се разликува само во нијанси. Тоа значи дека извештаите за исламот на програмите на трите меѓународни медиумски куќи се многу слични.“

Партиски војници или новинари?

Grafik Symbolbild Islam und EU Europäische Union Koran
Луѓето кои немаат допир со исламот се раководат според извештаите на масовните медиумиФотографија: picture-alliance/ DW-Grafik

Цела низа настани го зголеми интересот за случувањата во муслиманскиот свет. Најнапред тоа беа терористичките напади од 11 септември 2001 година, потоа убиството на холандскиот режисер Тео ван Гог, како и терористичките напади во Мадрид и Лондон. Од аспект на муслиманите, пак, политичките случувања како што се инвазијата на американските трупи во Ирак и војната во Авганистан, многу му наштетија на односот кон Западот во муслиманскиот свет. За тоа исто така придонесе и објавувањето на карикатурите на Мухамед во еден дански весник. Но, медиумите не треба да ги застапуваат интересите на политичките партии, вели Лина Ел Али од американската организација „Срч фор Комон Граунд“, која низ целиот свет се залага за мир и дијалог:

„Треба да биде се‘ едно дали во моментот има војна за која веруваме дека треба да ја оправдаме, затоа што случајно сме Американци. Од некоја причина американските новинари денес се во прв план политички определени за Демократската или за Републиканската партија, а дури на второ место се новинари. Или пак, се дефинираат според тоа дали имаат или немаат симпатии за исламот. Јас не знам од кога тоа е дозволено во новинарството.“

Истражувањата покажуваат дека особено луѓето кои немаат голем допир со исламот, се ориентираат според мислењето што го застапуваат масовните медиуми. Поради тоа, многу е важно медиумите во информирањето да понудат повеќе бекграунд информации, коишто ќе им помогнат на граѓаните да си создадат сопствено мнение, вели професорот Оливер Хан.

Автор: Дијана Ходали / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска