1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стејт департмент: Да биде задоволена правдата за ужасното убиство во Македонија

ЖА/СН/миа4 мај 2012

Американскиот Стејт департмент апелира да биде испочитуван законскиот процес за да биде задоволена правдата во случајот со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

https://p.dw.com/p/14pPf
Фотографија: AP

Портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер на прес-брифинг изјавил дека САД го следи текот на истрагата и повикува на сите осомничени за ова ужасно убиство, без оглед на нивниот идентитет, етничка припадност или вероисповед, да им биде овозможен процес согласно законите. Тонер одговараше на новинарско прашање на Гласот на Америка дали САД имаат информации за закана од радикалниот ислам во Македонија, во контекст на наводите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дека некои од уапсените се негови следбеници и војувале на страната на талибанците против НАТО во Авганистан и Пакистан.

Портпаролот на Стејт департментот истакнал и дека американската амбасада во Скопје внимателно го следи случајот.

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс изјави дека во амбасадата се' уште не се запознати со доказите за обвинетите лица во случајот со петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.

„ Ги следиме состојбите по ужасните убиства на 12 април и искрено сочувствуваме со семејствата на убиените. Одблиску го следиме процесот, апсењата и истрагата, ќе ја следиме и судската постапка. Важно е да се почитуваат правилните процедури, за тие што го извршиле ова ужасно дело да бидат изведени пред правдата. Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица. Министерката Јанкулоска и самата кажа дека ќе се следи процедурата и да дозволиме тоа да се случи“, изјави амбасадорот Волерс.