1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стипендистите - амбасадори на Балканот во Германија!

Силвера Падори-Кленке28 јуни 2013

Синоќа (27 јуни) во Берлин е промовирана десеттата генерација стипендисти на Одборот на германското стопанство за Источна Европа и фондацијата „Зоран Џинџиќ“, кои во наредните 3 до 6 месеци ќе се усовршуваат во Германија

https://p.dw.com/p/18xn7
Фотографија: DW

Во десетте години соработка меѓу Одборот на германското стопанство за Источна Европа и фондацијата „Зоран Џинџиќ“, во германските фирми на пракса биле над 400 млади луѓе од сите земји на Западниот Балкан. Регионот е на најдобар пат да стане дел од европското семејство кое за неколку дена ќе се прошири со уште една – 28-та членка, Хрватска. Токму заедничката програма на Одборот на германското стопанство и фондацијата „Зоран Џинџиќ“, како што подвлече и на свеченоста првиот човек на Одборот, Екард Кордес, претставува „мал, но значаен придонес за разбирање во регионот“.

„Почетокот на програмата, како и секој почеток не беше лесен. Имаше препреки и требаше да се вложи многу сила и волја. Изминаа десет години од убиството на Зоран, затоа и говарам за некое време во кое имаше и субјективни и објективни потешкотии. Но, десетгодишнината од програмата секако охрабрува и покажува дека е се’ можно. Резултатот се гледа преку мрежата која ја создадоа младите, кои како стипендисти минале некое време во германските фирми. Тоа е доказ дека и целата вложена енергија не била попусто и дека се’ се исплати“, кажува за ДВ Ружица Џинџиќ, претседавач со фондацијата која го носи името на нејзиниот убиен сопруг, српскиот премиер Зоран Џинџиќ.

Образованието е клуч за иднината

На прашањето како всушност се „роди“ програмата за стипендирање млади и соработката со Германија, таа одговара:

„Ова беше моја лична идеја. Размилсував како најдобро би можела да го промовирам она што Зоран најмногу го сакаше. Тој секогаш бараше и сметаше дека образованието, како за неговите деца, така и воопшто за сите млади, е најважен предуслов за некаква нивна иднина. Значи, знаев дека тоа е патот по кој треба да одам. Во тоа време во земјата немаше голема поддршка ни можност оваа идеја да се оствари. Пријателите од страна многу помогнаа. Во првите мигови најзначајна беше поддршката на господин Клаус Манголд, кој тогаш беше прв човек на Одборот на германското стопанство за соработка со Источна Европа.Тој беше наш личен пријател, на Зоран и мој. Имаше разбирање за оваа идеја и помогна да се изнајде и начин како да се спроведе. Јас бев кај него во јуни 2004, а на крајот на есента веќе ја имавме првата генерација стипендисти во Германија“, се сеќава Ружица Џинџиќ.

Zoran-Djindjic-Stipendienprogramm der Deutschen Wirtschaft für den Westbalkan
Со специјализацијата во Германија и наученото стипендистите се вистинско богатство - Ружица ЏинџиќФотографија: DW

Млади луѓе од Балканот кои во изминатава деценија стручно се усовршувале во Германија останале во меѓусебен, но и во контакт со фондацијата. Таа мрежа од луѓе кои стекнале квалитетни стручни знаења, кои станале експерти во својата струка, кои се ценети и барани, како што вели Ружица Џинџиќ, се вистинското богатство.

И Ута Белхоф од Сојузното министерство за развој и соработка потсети дека за разлика од пред дваесетина години, кога Балканот беше во конфликти и војни, сега сликата е поинаква и земјите цврсто чекорат кон ЕУ.

„Оваа програма е силен политички сигнал до регионт зашто носи соработка, економски равој, вработувања. Вие сте вистински амбасадори, зашто тука ги претставувате вашите земји, а кога ќе се вратите, ќе ги пренесете впечатоците и искуството од Германија и ќе придонесете за разбирање на европските вредности“, истакна Белхоф обраќајќи им се на стипендијантите.

Искуството - компас за кариерата

Христина Цигарида и Марта Таневска се две Македонки во групата од педесетина млади кои наредните три до шест месеци ќе ги минат на специјализација во Германија. Христина е машински инженер и во Скопје работела во интернационална фирма за сончеви колектори. Наредните шест месеци ќе ги мине во Штутгарт, во светскиот гигант Роберт Бош.

„Ќе работам во одделот за горивни ќелии за акумулатори за хибридни автомобили. Хибридните автомобили за мене се сосема нова работа. Ниту сум учела, ни видела, ни пак на нешто слично сум работела. Станува збор за нова област која се’ уште се истражува и која ја работат пет врвни компании во светот. Затоа сум и пресреќна што ќе можам да стекнам искуство врзано за новата технологија, која се надевам дека во иднина ќе биде позастапена, зашто како знаеме - се’ се врти околу зачувување на енергијата и животната средина. Искуството кое ќе го стекнам секоко дека ќе треба да се пренесе во татковината, но и германскиот начин на функционирање и култура“, кажува Христина Цигарида.

Zoran-Djindjic-Stipendienprogramm der Deutschen Wirtschaft für den Westbalkan
Христина Цигарида шест месеци ќе работи на хибридните автомобили во „Роберт Бош“ во ШтутгартФотографија: DW

Марта Таневска по професија е новинар. Во Скопје година и половина била дел од тимот на весникот „Нова Македонија“, а наредните три месеци ќе ги имине во македонската редакција на Дојче Веле во Бон. Не крие дека е пресреќна што ќе има прилика да работи во еден светски познат медиум и како што вели „ќе даде се’ од себе во наредните три месеци да научи што е можно повеќе“.
Во Дојче Веле покрај Марта, стручно ќе се усовршуваат и новинарките Невена Цукуцан од Србија и Свјетлана Резо од Хрватска, како и германистот од Приштина - Дардание Пајазити (сите четири на насловната фоттографија).

За Невена и Свјетлана праксата во ДВ е, како што велат, „круна на нивната досегашната куса кариера“ и секако дека референцата во нивното ЦВ ќе има големо влијание. Дардание, пак, е убедена дека по престојот во Бон и усовршувањето на германскиот јазик, ќе може да најде и подобра работа во струката во Приштина

Со оглед на тоа што Марта, Невена и Свјетлана веќе имаа можност да го почувствуваат германскиот медиумски простор ги прашуваме: каков е нивниот впечаток за состојбата во земјите од каде што доаѓаат?

Лошата состојба во медиумите мора да се поправи

„Во Македонија медиумите се се’ уште под влијание на владејачката структура и на големите бизнис интереси. Но, би кажала, гледам дека има светлина на крајот на тунелот. Веќе постои самосвесна млада гнеерација новинари кои се трудат да останат на своите ставови“, вели Марта Таневска.

„Медиумската сцена во Србија е очајна! Новинарите работат за мала плата, под големи економски и политички притисоци. Има и цензура или самоцензура, како сакате наречете ја. Медиумите се се’ - само не слободни. Мислам дека тоа е една од најважните работи која треба да се среди пред и воопшто да се седне на преговарачка маса за членство во ЕУ. Јас разбирам дека борбата против корупцијата има приоритет, дека тоа е многу важна тема, но се надевам дека некој наскоро ќе почне да се занимава и со медиумите, зашто ваквата состојба е неодржлива“, коментира Невена Цукоцан.

„Целосно го делам мислењето на Невена. Слична е состојбата со медиумите и во Хрватска и во Босна. Хрватска од 1 јули ќе биде полноправна членка на Унијата, но и натаму треба да се работи на демократизацијата на медиумите“, дополнува и Свјетлана Резо.

Годинашнава генерација стипендисти од Западниот Балкан, покрај во медиумите, искуството ќе го стекнува и во реномирани фирми од индустријата, технологијата и финансискиот сектор, како БАСФ СЕ, Комерц Банк, Алианц, Дојче Банк, Метро, Бомбардиер Транспортејшн, Дојче Бан и други.