1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стопанскиот јад и чемер на ЕУ

Кристоф Хазелбах/Борис Георгиевски14 март 2013

Рецесија, невработеност, екстремистички партии- кризата во ЕУ расте на сите полиња. На самитот кој започнува денеска во судир ќе дојдат и различни предлози и решенија.

https://p.dw.com/p/17xTr
Фотографија: picture alliance/chromorange

Многу водечки европски политичари полека ги фаќа очај. ЕУ има тешки години на политика на консолидација зад себе, но пресвртот, барем засега, не е на видик. Стопанскиот раст и натаму е слаб, невработеноста расте, многу земји се во рецесија, пред се’ на југот на континентот. На се’ поголем број земји им е потребна помош. Ги Ферхофштат, шефот на либералната фракција во европскиот парламент го сумира сиот јад и чемер:

„Гледам дека во Грција расте десниот екстремизам, во Италија нема влада, на Кипар банките се распаѓаат, во Шпанија е загубена цела една генерација, на Франција, Белгија и Холандија им се потребни пакети за штедење за да се придржуваат до правилата, во Ирска почнува шестата година на штедење“.

Многумина се прашуваат уште колку европските граѓани ќе можат сето тоа да го издржат и дали Европа, со оглед на различностите, ќе се распадне? Тоа е позадината на проблемите кои се надвиснати над главите на шефовите на држави и влади на самитот на ЕУ.

Belgien EU Europaparlament Guy Verhofstadt
Ги ФерхофштатФотографија: FREDERICK FLORIN/AFP/Getty Images

Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо е на иста линија со Ферхофштат: „Одредени трошоци кои на своите плеќи мораат да ги носат најслабите во нашите општества ќе станат неподносливи“, рече Барозо пред парламентот во Стразбур во средата, апелирајќи на праведна поделба на товарот. Во писмото упатено до шефовите на државите, во пресрет на самитот, Барозо, сепак тврди дека реформските напори полека носат и плодови. Како пример ја наведува Ирска.

Поделби по сите прашања

Но некои европски застапници не сакаат ни да слушнат за вакви теории. Британскиот пратеник, лабуристот Стивен Хјуз смета дека е на дело „бесмислена разорувачка политика“. Според него, сите ветувања за економски полет се покажале како празни.

Европа е во моментов поделена во многу сегменти: меѓу оние кои заговараат консолидација и заговорниците на политика на државни импулси за раст; на европски интегративци кои сакаат повеќе Европа и оние кои се залагаат за посилни национални држави. Последниве стануваат се’ побројни.

Europaparlament Haushalt 2014-2020 Abstimmung Barroso
Жозе Мануел БарозоФотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images

На средината се пратеници како германскиот застапник од ЦДУ, Херберт Реул. Тој советува мирно продолжување на работата: „На крајот нема да победи оној кој секој ден има нова идеја, туку оној кој ќе издржи и на крај ќе може да каже: таа работа се исплатеше“.

Така некако постојано проповеда и германската канцеларка Ангела Меркел. Но притисокот на владите да покажат резултати расте. За притисокот да биде поголем, синдикатите повикаа на големи демонстрации пред бриселската зграда на советот на ЕУ кои се насочени против политиката на штедење.