1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоп за тешката индустрија?!

Милчо Јованоски23 февруари 2013

Екологистите со иницијатива за дополнување на Законот за животна средина - бараат тешката индустријата да е надвор од населените места. Надлежните молчат, а тие се решени да успеат во намерата.

https://p.dw.com/p/17kYW
Фотографија: Fotolia/mmmx

Еколошките друштва „Грашница“ од Охрид, „Молика“ од Битола , „Еко Скоп“ од Скопје и „Вила Зора“ од Велес уште во ноември минатата година почнаа со активности за дополнување на Законот за животна средина. Поддржани од канцеларијата на УСАИД во Македонија, тие бараат законот да предвиди и забрани изградба на нови и реконструкција на стари капацитети од тешката и загадувачката индустрија. Според нив, вакви објекти би можело да се градат на растојание не помало од пет километри од населеното место или заштитено природно подрачје. Граѓанската инцијатива за миг била поддржана со неопходните 100 потписи и официјално поднесена во Собранието на Република Македонија. На 19. декември Уставно – правната и комисијата за политички систем едногласно ја прифатиле и оттогаш - молк.

Иницијатива во полза на сите граѓани

„Но писмото од парламентот до владата не е стигнато. А токму од таму треба да ни дозволат да собираме 10.000 потписи за посакуваното дополнување на законот. Преку илјада пати сме ѕвонеле во службите, но некој очигледно намерно ја узурпира оваа легална граѓанска инцијатива. Зошто, не знаеме. Се‘ е на база на препоставки“, вели Ненад Коциќ, претседател на „Вила Зора“.

Топилницата во Велес и ред други индустриски капацитети се синоним за загадување во Македонија и создадоа аверзија кај граѓаните кон се‘ што чади во нивната непосредна околина. Време е општеството да поддржува бизнисмени кои ќе преферираат лесна, незагадувачка индустрија. Целта на иницијативата е во полза на сите граѓани, вели Петар Андонов , претседател на невладината „Молика“ од Битола.

Luftverschmutzung Emission
Екологистите бараат определување поголемо растојание на кое може да се гради индустриски објектФотографија: picture alliance/WILDLIFE

„Со идната забрана за градење на тешка индустрија во близина на населените места и заштитените подрачја би се спречило повторување на грешката од Велес. Со добро просторно планирање и определување на поголемо растојание на кое може да се гради еден индустриски објект, ќе се создаде сигурност за населението и за инвеститорот дека нема да има проблем од локалното население. Преку иницијативата нема да постои можност за рестартирање на Топилницата во Велес на старата локација, со што поддршката на оваа граѓанска иницијатива ќе биде и директна поддршка од сите граѓани на Република Македонија во борбата на велешани.“

Борбата за здрава околина приоритет

Браќата Борче и Ванчо Стојаноски, членови на еко-друштвото „Грашница“ од неговото основање и производители на здрава храна, потсетуваат: „ Македонија се‘ уште се води како високо аграрна земја и штета е почвата и воопшто природата да се загадуваат. Мора и треба да внимаваме и на таа еколошка компонента. Тешката индустрија може само да ни штети. Македонија може да живее од валоризација на се‘ што природата ни дала“, потенцираат тие.

Иницијативата за дополнување на Законот за животна средина не е без подлога. Слични законски решенија се на сила во други европски земји. Експертите потсетуваат дека во поранешна Југославија индустриските капацитети биле поделени во пет зони опфатени со Генералните урбанистички планови за општините.

Symbolbild Klimaerwärmung Verschmutzung NO FLASH
Фотографија: lassedesignen/Fotolia

Неизвесноста расте

Бидејќи крајот на рокот за законски одговор на Владата е на истекување, eкологистите со претставка побараа заштита на уставноста на поднесената иницијатива пред Народниот правобранител. Во име на подносителите Ненад Коциќ вели: „Доколку во разумен рок не се спроведе оваа иницијатива ќе мораме да бараме други начини за нејзино остварување. Ќе мораме вонинституционално да ги собираме потписите ако државата не може да ни овозможи тоа да се одвива преку нејзините институции. Подоцна ќе треба да докажеме дека легално сме ги собрале потписите.“  Патот и неизвесноста можеби ќе бидат подолги и поисцрпувачки, но се‘ правиме во интерес на граѓаните и идните генерации и тоа ни дава сила да истраеме во оваа и иницијативите кои допрва не‘ очекуваат, велат екологистите.