1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоп за шпиoнирањето на вработените?

Рејчел Баиг/ Симе Недевски16 јануари 2013

Германската влада со нов закон сака да спречи во иднина работодавачите тајно да вршат видео надзор на нивните вработени. Експертите критикуваат дека и со предлог-законот можноста од шпиoнирање останува.

https://p.dw.com/p/17KkT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тајно шпиoнирање на вработените во Германија повеќе не смее да има, вели надлежниот експерт на владејачката Христијанско социјална унија (ЦСУ) Михаел Фризер. Владејачката коалиција во која покрај ЦСУ се и Христијанско демократската унија на канцеларката Ангела Меркел и Либералите ветува поголема правна сигурност за сите страни и има намера досегашните „сиви зони“ да ги регулира со прописи.

Бундестагот би требало соодветниот предлог закон да го усвои до крајот на месецов. Потоа аферите на шпиoнирање на вработени какви што имаше во ланецот на дискаунт супермаркети Лидл и во германскиот Телеком би требале да бидат минато. Во овие скандали на виделина излезе дека вработените без нивно знаење биле снимани и прислушкувани. Првенствено во иднина би требало да биде заштитена приватната сфера на вработените, па така секој облик на видео надзор би требало да биде забранет во соблекувалните, спалните соби и во санитарните простории во претпријатијата.

Aldi Mitarbeiter Videos Kundinnen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но и јавниот видео надзор би требало да биде поврзан со строго дефинирани услови. Тој не ќе смее да се користи за општа контрола на однесувањето или ефикасноста на работата, објаснува Гизела Пилц, од либералната партија ФДП. Пратеникот во Бундестагот  на опозициската Социјалдемократска партија СПД, Геролд Рајхенбах меѓутоа е незадоволен дека на пример просториите за одмор и пауза и натаму ќе можат да бидат под видео- надзор.

Шпиунирање со најава

Освен тоа, останува дозволена и можноста за поставување на скриени камери. Геролд Рајхенбах е шокиран од решението во предлог законот: „Ако претходно на својот вработен му најавите дека можеби ќе биде под видео надзор, тогаш смеете и да поставите скриена камера. Само не смеете тоа да го направите тајно.“

„Според мојата проценка овој закон нема да значи поголема заштита на личните податоци а во полза на вработените“, тврди Тило Вајхерт, ополномоштеник за заштита на податоците во германската покраина Шлезвиг Холштајн. И германските синдикати сметаат дека планираниот закон нема доволно да ги заштити вработените. Тие стравуваат дека тој отвора можност за архивирање на податоци за вработените. Имено во предлог-законот стои дека работодавачот ќе смее да се информира за кандидатот за работно место во социјалните мрежи на интернет ни во централната германска институција за проверка на кредитната способност „Шуфа“. „Ние велиме: се’ што им стои на располагање на трети лица интернет, може да биде и податок релевантен за разговорите за работно место“, аргументире Михаел Фризер од владејачката ЦСУ.

Social Media Facebook
Фотографија: picture alliance / dpa

Две години на „чекање“

Новите прописи предвидуваат овие податоци да можат да се бараат и користат само кога тоа е потребно, но не е дефинирано што значи „потребно“. Тоа важи и за разговорите за работа. Освен тоа и натаму во сила е правилото дека личните податоци како бројот на банкарската сметка смеат да бидат разменувани меѓу различни институции само со цел откривање на казнени дела и тешки прекршувања на законските обврски.

Експертката од редовите на ФДП нагласува дека новиот закон дефинира јасни прописи за претпријатијата за да се спречи корупција. Работодавачите од другастрана пак се жалат дека новиот закон ќе ги оневозможи во ефикасното откривање на криминални дела. Тие би сакале и натаму да можат тајно да снимаат во случај на основано сомневање дека такви дела се извршуваат во нивните претпријатија.

Германската влада го усвои уште во летото 2010 година. По првите парламентарни читања во февруари 2011 година, законот е речиси две години заглавен во Бундестагот, бидејќи досега за него не можеше да се постигне договор.