1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоп на насилството врз жените!

25 ноември 2010

Во Македонија, бројот пријавени случаи на семејно насилство е се’ поголем. Светскиот ден за спречување на проблемот се одбележува под мотото „Јас имам храброст и сила да му кажам не на насилството, можеш и ти“.

https://p.dw.com/p/QHgo
Фотографија: picture-alliance / Lehtikuva

Пред микрофонот на Дојче веле, една поранешна жртва, жена која се спасила од маѓепсаниот круг на насилство ја отвора душата. Жената, во Центарот за социјална работа во Скопје воопшто не изгледа како жртва на семејно насилство. Убаво е облечена, делува негувано. Станува збор за средовечна госпоѓа, која се одважи својата потресна животна приказна да ја сподели со Дојче веле. Единствен услов е да не го откриеме нејзиниот индентитет. Кога се присетува на пеколот низ кој минала и навираат солзи во очите, но не се плаши ниту пак се срами да зборува за две деценискиот живот со нејзиниот сопруг насилник. „Ќе дојдеше пијан, ќе не построеше сите, децата плачат, соседите викаа полиција, но му попуштаа. Дури беа живи свекорот и свекрвата се бореа со него, но кога починаа си зема сила, почна да прави скандали за се’ и сешто, носев модрици ми беше срам да излезам да купам леб.“

NO FLASH Internationaler Tag gegen Gewalt an Frauen
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Малтретирањето станало неиздржливо. На моменти помислувала дека нема излез, или дека спасот е само со сила може да му се спротистави на насилникот. „Помислував да му ставам отров во ракијата, но сфатив дека ако одам јас во затвор, децата ќе останат сами, нема кој да ги чува и се предомислив.“

Пред четири години решила да стави крај на своите маки и на страдањата на своите деца. По неколку партии ќотек викнала полиција и го пријавила сопругот на социјалните служби. „Тоа траше до пред три години, не ми беше згодно да излезам и да кажам стоп.“ Денес оваа мајка на три деца е сосема нова личност. За да излезе од маѓепсаниот круг на семејните трауми и била потребна многу храброст, волја и трпение. „Денес имам бизнис, производство на уникатни работи, убаво ми оди. Имам контакти со луѓе.“ Помогнале социјалните служби.

Internationaler Tag gegen Gewalt an Frauen
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Ирена Тодоровска, раководител на секторот за социјално вклучување во Министерството за труд и социјала објаснува која е задачата на надлежните. „Не сме направиле ништо ако жртвата ја сместиме во центар и дадеме одредена помош, интервенираме и потоа ја вратиме назад во семејството без да и понудиме шанса да се бори натаму. Од тие причини овие економски програми нудат можност за ресоцијализација“.

Во Македонија семејното насилство зема замав. Според податоците од Министерството за труд и социјала, од јануари до септември годинава пријавени се вкупно 498 случаи на семејно насилство, што е за 20 пријави повеќе од истиот период лани. Надлежните сметаат порастот е резултат и на уривањето на стеротипите за потчинетост на жената. Во земјата има шест засолништа каде се згрижуваат жртвите.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска