1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

130611 Neuseeland Erdbeben

13 јуни 2011

Вториот по големина град во Нов Зеланд, Крајстчрч, е повторно потресен од серија земјотреси. Најголемиот потрес имаше јачина од 6 степени, а епицентарот се наоѓа на само десет километри од Крајстчрч.

https://p.dw.com/p/11ZLz
Крајстчрч по земјотресот во февруари
Крајстчрч по земјотресот во февруариФотографија: AP

Во земјотресот, според податоци на властите, се повредени десет лица, а во центарот на градот се урнати неколку објекти.

Илјадници луѓе бегаа од деловните згради и трговските центри на улица, се обидуваа да се засолнат додека ѕидовите се нишаа, а од фасадите паѓаа камења на улиците. Премиерот на Нов Зеланд, Џон Кеј изјави:

„Новите земјотреси предизвикаа уште поголема загриженост во Крајстчрч. Во моментов собираме информации. За луѓето во Крајстчрч, кои мораа да истрпат толку многу, ова е нов удар.“

Flash-Galerie Erdbeben in Neuseeland Christchurch
Фотографија: AP

Во февруари годинава, во земјотрес со јачина од 7,1 степен, беа уништени цели делови од градскиот центар, кои оттогаш се означени како црвена зона и се затворени. Тогаш животот го загубија 181 лице, а оштетени беа околу 10.000 приватни куќи и илјада деловни објекти.

Ако се спореди со тој земјотрес, сегашниот има мали последици, но тој ја зголемува загриженоста дека Крајстчрч би можел да биде погоден од уште посилни земјотреси.

„Сега размислуваме дали воопшто да останеме овде. Не сакаме децата да раснат во атмосфера на страв, во која, како сега, не се осмелуваат да излезат и да играат со другарите“, вели една жителка на градот.

Автор: Удо Шмит / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска