1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур: демократија се гласачки ливчиња, а не куршуми

Тони Гламчевски3 јуни 2008

Генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис е разочаран од насилствата на изборите во Македонија. Во Стразбур се разгледува можност за продолжување на мониторинг процесот за Македонија, што значи чекор назад

https://p.dw.com/p/EBeb
Тери Дејвис: победниците и победените ја делат одговорностаФотографија: AP

„Демократијата се гласачките ливчиња, а не куршумите. Ништо не може да го оправда насилството. Во демократијата гласачките ливчиња не се за власт и одмазда, туку за избирање политичка визија и програма за иднината на државата“, наведува во своето соопштение до јавноста Генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис.

Првиот човек на паневропската организација во која членува Македонија од 1995 година, понатаму додава дека „победниците и оние кои загубиле на изборите ја делат одговорноста за целосниот напредок на државата.“ Дејвис, повикувајќи ги властите да извршат истрага и да ги изнесат пред лицето на правдата извршителите на насилствата, на крајот нагласува дека „напредокот на Македонија кон демократија не треба да биде попречен поради трагичните инциденти од неделата“.

Организирано насилство за нарушување на изборите

Парламентарното Собрание на Советот на Европа, кое имаше своја делегација на набљудувачи во Македонија, забележува дека изборите се некомпатибилни со демократскиот процес. Стразбур жали што значителен број од гласачите беа лишени од правото да ја изразат својата волја поради неодговорни, насилни и деструктивни дејства на двете главни албански партии. Паневропската асамблеа во првичниот извештај зборува за „организирано насилство, кое имаше за цел да го наруши изборниот процес“.

Од технички аспект, изборите биле добро организирани, со забелешка до властите дека не знаеле да го спречат насилствто и застрашувањата во областите со албанско население. Покрај насилството, на изборите фрлија дамка и бројните нерегуларности на истите овие подрачја, при што се споменуваат полнење на гласачките кутии и фалсификување на резултатите.

Враќање на мониторингот?

ПС на СЕ за изборите во Македонија ќе разгледа посебен детален извештај на крајот од месецов, за кога во Стразбур е закажана летната сесија. Од некои членови на ПС на СЕ, веќе се најавува дека ќе биде побарано враќање на мониторинг процесот за Македонија, што значи чекор назад за земјата. Имено Македонија е во пост-мониторинг дијалог и до пред два месеци се надеваше на укинување на оваа процедура, што гарантира дека земјата ги исполнила демократските вредности и дека функционира како правна држава со целосно почитување на правата на човекот. Со други зборови, дека таа ги исполнила условите од Копенхаген.