1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур: Изборите добро спроведени, но потребни се подобрувања

Тони Гламчевски26 март 2013

Локалните избори беа ефикасно спроведени, но според набљудувачите не секогаш се одвиваа во правични услови, стои во првичниот извештај на делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/184Wt
Фотографија: Petr Stojanovski

„Со исклучок на неколку места, на гласачките места кои беа посетени од набљудувачите на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, изборите поминаа на мирен и организиран начин, без притоа да бидат забележани поголеми инциденти“, изјави Јури Ландберг (Естонија) шефот на делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа.

Првичниот извештај на делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа не се разликува многу од извештајот на ОБСЕ и ОДИХР. Забелешките на набљудувачите испратени од Стразбур се однесуваат на необјективноста во известувањето на медиумите, односно дека медиумите им придавале поголемо внимание на одредена изборна коалција или партија, отсуството на транспарентност во државните и партиските активности и дека не секогаш била фаворизирана правичната застапеност.

Делегацијата на Конгресот изрази посебно загриженост за ситуацијата на медиумите

„Ситуацијата на медиумите ја зголемува загриженоста, кога станува збор за самите избори, но исто така и генерално гледано. Постоење на плурализам во медиуми и можноста на новинарите да ја извршуваат својата работа се неопходни услови за демократијата“, нагласува Јури Ландберг.

Делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа иако констатира дека има измени во изборното законодавство на Македонија, треба да продолжат реформите.

Kommunalwahlen in Mazedonien Darko Aleksov
Фотографија: MIA

„Државната изборна комисија работеше ефикасно и транспарентно, со почитување на изборните рокови, но понекогаш при одредени гласања биле зебележани партиските или етничките определби на нејзините членови, ставајќи ја под знак прашање непристрасноста и колегијалноста“, се вели во извештајот на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа.

Бришењето на околу 119.000 граѓани од гласачките листи пред гласањето, со образложение дека тие не поседуваат лична карта или биометриски пасош беше одобрено од сите политички партии, забележува делегацијата на Конгресот. Но, и покрај зголемената доверба во веродостојноста на гласачките списоци, продолжиле да бидат доставувани жалби, па дури и на самиот ден на изборите. Затоа од Стразбур се бара да се подобрат уште повеќе претходните процедури за составување и чување на списоците.

Отсуство на доверба

На членовите на делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, повеќе партии им се пожалиле дека немаат доверба во процедурите за поднесување приговори и жалби. Исто така е регистрирано отсуство на доверба во судовите, и дека пред нив биле поднесени многу малку жалби. Конгресот оценува дека отсуството на јасни процедури за разгледување на жалбите кои се однесуваат на предизборниот период од Државната изборна комисија не дозволува да се гарантира ефективно правично задоволување на жалителите.

Самото гласање, според делагацијата, поминало мирно, ова и покрај некои констатирани нерегуларности, посебно случаите на колективно гласање. Пребројувањето на гласовите, делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа оцени дека се одвивало на позитивен начин.

Целосниот извештај на предизборниот и изборниот мониторинг на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, ќе биде претставен на есенската сесија на конгресот во Стразбур. Забелешките на делегацијата на Конгерсот и на ОБСЕ сигурно ќе најдат свое место и во извештајот за пост-мониторинг дијалогот кој го води Парламентарното Собрание на Советот на Европа со Македонија, за кој ќе се расправа во јуни.